Во Основниот суд во Тетово денеска од 11 часот продолжува судскиот процес за пожарот во тетовската модуларна болница во 2021 година кога животите ги загубија 14 луѓе. Во судницата треба да продолжи сослушување на нови сведоци кои се повикани по барање на адвокатите на обвинетите.
Минатато рочиште на 21 март сослушани беа универзитетските професори кои во предистражната постапка изработиле вешт наод и мислење во писмена форма, како и две медицински сестри, ангажирани во модуларната болница.
Обвинетите, директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, докторот Бобан Вучевски и претставник на Клиничка болница Тетово како правно лице на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението, но не признаваат вина и дека не ги сториле делата за кои се товарат.
Судењето за пожарот што се случи на 8 септември 2021 година, кога животите ги загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени почна на 7 декември 2022 година откако од септември 2022 до тогаш судскиот процес беше неколку пати одложуван.