Секој ден по еден Русин добива бугарски пасош, односно вкупно 356 во 2022 година, според партнерот на Еуроактив Бугарија – Segabg.com, кој се повикува на податоци од кабинетот на претседателот на државата.
Во 2022 година вкупно 7.410 лица стекнале државјанство врз основа на бугарско потекло, родител – бугарски државјанин или општа натурализација. Бугарско државјанство им било вратено на 2.660 лица. Натурализацијата им била откажана на 13 лица поради разни прекршувања.
Бугарското државјанство на 247 лица им е одземено со декрет. Оваа категорија ги вклучува Бугарите кои трајно се населиле во друга земја и побарале да добијат државјанство, бидејќи Софија не дозволува двојно државјанство.
Овие поранешни бугарски државјани земале пасоши од различни места, меѓу кои и Белорусија и Русија. Други станаа државјани на Велика Британија, Германија, Шпанија, Холандија, Полска, Северна Македонија и САД.
Од 2022 година, Бугарија издаде забрана за таканаречените „златни пасоши“, кои се даваат во замена за големи инвестиции во земјата, а околу 40 отсто од овие 105 златни пасоши добиле Руси.
Откако Бугарија минатата година одлучи да ги забрани златните пасоши, не се издадени декрети за златни пасоши, се вели во извештајот на Претседателството. Во 2021 година биле дадени девет златни пасоши. Сепак, осум лица станале Бугари по заслуга во 2022 година, сите спортисти, наведува Еуроактив.
Сепак, трендот не е променет од руската инвазија на Украина.
Во 2021 година 479 руски државјани добиле бугарски пасоши. Годината пред тоа, бројката била 485. Понатаму, над 300.000 имоти се во сопственост на Руси во Бугарија, главно покрај нејзиниот брег, покажуваат податоците од 2019 година.
Русите се само на седмото место меѓу луѓето кои добиле бугарско државјанство минатата година, а во групата предничат Македонците (1.992), потоа Украинците (1.639), Турците (1.290), Србите (556) и Албанците (517). Молдавците се исто така повеќе од Русите (476).
Во 2021 и 2020 година, бугарско државјанство добиле соодветно, 7.696 и 9.098 Македонци, 1.547 и 1.926 Украинци, 1.269 и 997 Албанци, 1.145 и 899 Турци, 1.127 и 1.221 Срби, Молдавци – 2023 и 1.221.