САД се решени да го заштитат територијалниот интегритет на БиХ и нема да стојат со скрстени раце доколку лидерот на босанските Срби Милорад Додик се обиде да го загрози, е пораката што ја испратија од американската амбасада во Сараево откако претседателот на Република Српска повторно денеска се закани со отцепување на овој ентитет, пишува Индекс.хр.
Потсетувајќи на одредбите од Дејтонскиот договор, со кој јасно е дефинирано дека ентитетите немаат право да се отцепат од државата Босна и Херцеговина, американската амбасада го предупреди Додик дека сепаратистичките дејствија само ќе доведат до нови конфликти.
САД нема мирно да гледаат ако Милорад Додик работи на разгорување нов конфликт во Босна и Херцеговина, се вели во соопштението.
Тие објаснија дека тоа значи оти САД ќе го заштитат територијалниот интегритет, суверенитет и мултиетничкиот карактер на Босна и Херцеговина, а на Додик му порачаа дека неговата реторика и закани се само обид да се оттргне вниманието од вистинските проблеми со кои се соочуваат граѓаните на РС.
Додик денеска најави дека тој и сите српски претставници во Босна и Херцеговина ќе ги прекинат сите контакти со претставниците на НАТО, а американската амбасада го потсети дека членството во Алијансата е цел наведена во Законот за одбрана на Босна и Херцеговина и дека овој закон не може еднострано да се суспендира.
Вербалниот конфликт меѓу Додик и американската дипломатија ескалира во изминатите месеци, а тој денеска повторно го навреди американскиот амбасадор Мајкл Марфи, велејќи дека води „смрдлива политика“.
Поради сецесионистичките закани, Додик е под санкции на САД од 2017 година, а Вашингтон дополнително ги заостри прогласувајќи го лидерот на босанските Срби за личност вмешана во корупција. Нему му е забрането да патува во САД, а на американските државјани не им се дозволува да имаат бизнис соработка со него.
Г. Т.