Пишува: ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
И покрај многубројните институции, некои и образовни, поврзани со јавното информирање, не ретки и невладини организации кои се бават со децении со откривањето на деформациите во нивната сфера, ние и после 30 години од обидот да се воведе парламентарната демократија во земја која претходно имаше поинаков политички систем, не утврдиме постоење на некои трајни камчиња во чевелот на т.н. седма власт.
Како се нашле тие каменчиња таму? Зошто досега, едноставно, не еродирале? Како тоа, кај нас, профитер во оневозможувањето на слободното движење на информаторите и нивните матични куќи, се јавува само на една страна на политичкиот пејзаж? Има тука многу слични прашалници. Неможност да се дојде до некои општи сознанија кои ни се пред очи или одбегнувањето да се прават анализи за скалилата по кои се движи новинарството?
Спрега на новинарството со политиката
Таа позиција на информирањето во стартот на плурализмот најнапред откри дека не се чекало долго на појава на цврста спрега меѓу парите и медиумите, но под закрила на политиката. Формирањето на телевизиите, подоцна фирми со право на користење на национална фреквенција, покажа јасна насока на делење на „азното“ според политичките центри на моќ. Националниот радиотелевизиски дифузер доби „привилегија“ да е дел од партијата која е на власт. И тогаш и потоа.
Социјалистите на Киро Поповски ја добија Сител, позиционирана на Градскиот стадион, која преку европските фондови за развој на фудбалот доби финансиска поткрепа за амбициозни планови (банка, телевизија), а каде што прв продуцент стана Петар Поповски, дел од кланот на основачот на партијата кој прерано почина, подоцна познат по книгите за Скендербег.
Либералите ја добија Телма, финансиски позиционирана кај монополистот со огромен капитал – Макпетрол, а беше основана и Канал 5, која по признанието дадено неодамна во емисијата „Во центар“ од екс-министерот за финансии во време на власта на ВМРО-ДПМНЕ Стојменов, најпрвин ја добил познатиот имотен човек на Власите во земјава – Никола Палигора; потоа тој побрал „помош од пријател“ и го добил во Стојменов со кого сопственоста ја делеле по половина (златна акција на Палигора), за со текот на настаните, целата телевизија да ја добие идниот значаен вмровски финансиер.
Пејзажот на медиумскиот простор, јасно, најпрвин го оформи телевизијата А1! Со средства на Сорос фондацијата, каде отпрвин формален сопственик беше Велија Рамковски, бизнисмен од поситен формат во мигот, кој својата империја на пилешки крилца ја започна со афера во која летаа пердуви, требаше да гарантира некакво растоварување на моќта на националната МРТ.
Таа слика на формална рамнотежа на моќта на коалицијата која владееше, се наруши со две работи. И тоа многу брзо. Најпрвин со сознанието дека коалицијата не може да биде долговечна – раскинот на СДСМ со либералите не случајно се случи со повторното кандидирање на Киро Глигоров за претседател, што помати нечии амбиции кои се покажаа уште во ноќта на славењето на победата на Глигоров на претседателските избори. И без сомнение, таа промена на расположението во коалицијата си најде одраз во политиките на телевизиите чии фреквенции првиот човек на СДСМ така великодушно ги подели!
Легални и нелегални пари доаѓаат во земјава
И вториот момент е секако битен – парите! Може ли, така ненадејно раширен медиумски простор, да го издржи товарот на одржувањето. Гигантот Нова Македонија кај печатените медиуми, се растураше како кула од карти, на пример, секако и како резултат на репутацијата, ама и на диктатот на сликата и тонот (се формираа дузини и дузини радио станици). А згора, се појави и паралелен оптек на пари од црната економија (во ерата на разно разни блокади на границите), но и огромниот шверц со тутунот во кој Македонија имаше централна позиција.
Интересни се тука трите излагања во декември лани, на човекот кој себеси се прогласува за „цар“ во тој бизнис, Томо Аврамски во емисиите на колегата Васко Ефтов. Од тутунот и шверцот со него низ земјава транзитирале по стотици илјади германски марки и на дневна основа. Сливот на пари од земјите кои беа во граѓанска војна низ Југославија беше дополнителен извор на моќ за одредени поединци и идни силни фирми, „добротвори“ на политички кругови, а појавата на рекетот зеде замав, иако таа реално и не се разликуваше многу од криминалните постапки наречени – уцена!
Во тој спој на политика, транзиција и криминал најдобро поминаа оние кои се устоличија на власт во 1998 година. Со многу мала пауза, таа групација, која си го стави на главата венецот на национализмот, повеќе би се рекло како скафандер на недопирливост, просто брзо ја научи механиката со која се држат под себе медиумите (може да се рече – практично 90 отсто од постојните) во сите сфери и жанрови. Дури и по падот од власта на оваа клика во 2017 година, таа успеа, не само да ја сочува својата основна супстанца во медиумскиот простор, туку во последно време и лесно да ги преземе оние малку медиуми кои не ги имаше кај себе во време на Шарената револуција.
Пари по тајни канали однадвор
Тука помогна главно капиталот однадвор, но и од „дебелите мачки“ на транзицијата, посебно во градежништвото, кои во строј ги поставија дури и некои звучни имиња од новинарството! За странските пари (од Унгарија, виа Словенија, па во една бугарска банка кај нас) веќе е и доста пишувано, иако тоа не предизвика ниту благ Повардарец кај јавното мислење. Зошто? Па јавното мислење го прават тие исти медиуми кои се омрсиле од тие пари!
Да не должиме. Од 1998 година, нашето новинарство е под капата на еден центар на партиско информирање и е во строг, според војничка хиерархија поставен ред на нештата. Вистински „мајстор“ во таквата поставеност на потчинување беше Груевски. Позната е репликата кога еден уредник на нов политички магазин отишол кај него да бара „благослов“, и да го убеди дека ќе прави независно издание, добил кус одговор – нема независно, или си со нас или си со нив!
Многу пострашно по медиумите од овој одговор беше крајот на втората телевизија во земјава – А1, која беше затворена со силен удар на сите државни механизми врз неа, а дел од луѓето во неа завршија во затвор. Каква опомена за сите кои требаше да мислат на фреквенцијата на слободата и демократијата?!
Актуелната слика што сега ја имаме пред очи ја дооформи партискиот кабинет на Мицкоски, кој несомнено не ги прави работите со некаков имагинарен камшик, туку со реална моќ која се потпира на финансиска помош. И, сега, со друга цел – не да ја сочува својата власт, која ја изгуби, туку да ја потврди. Поделбата на медиумите ја создава и со засилена идеологизација – поставувајќи го шаторот на „македонистите“, па ако на некој издавач тоа му олеснува: и кај најогнените протестанти во изминативе години, слушаме, сумите со кои се купува нивниот гнев се доста импозантни.
Паника мора да има
Па така добивме: ист распоред на вести на нашите аудио-визуелни, па и печатени медиуми, ист вокабулар, дури и со цели дадени реченични конструкции, ист дневен распоред од утрината, обмислен веројатно уште претходниот ден… Ако тој распоред доцни, само се повторуваат вчерашните вести и – нема промашување.
Како илустрација на последново да ја земеме само неодамнешната лажна вест која ја прифатија речиси сите медиуми и за која немаше никакво извинување, ама создаде, нели и паника меѓу населението, што и беше цел на оној кој ја креирал.
Големата лага со вооружениот грабеж во Скопјанка, кој доведе до јуриш кон училиштата во близина на наводниот настан, за родителите да ги земат децата, заврши со општ молк. Немаше ни извинување од ТВ станиците кои, сите по ред, ја дезинформираа јавноста. Не се јави ниту ЗНМ, ниту оној т.н. Совет за етика во новинарството, а секако ниту ААВМУ, кој одамна е во хибернација, кога се работи за интересите на ВМРО-ДПМНЕ и неговите трабанти.
Повод за оваа лавина на лагата беше една вистинска вест од сферата на општата безбедност – убиство во една кладилница кај Млечен ресторан, која создаде платформа да се поверува во нешто лажно, во вест за грабеж во центарот на градот, со која се заокружува сликата за немоќта на нашата полиција во чувањето на редот и мирот.
Ова е секако битно, бидејќи непосредно пред тоа, со странска експертска помош, се сопреа лажните дојави на бомби во земјава, па сега соседите, српските и бугарски официјални лица, бараат подучување во справувањето со ова зло кај себе од нас (!). Понатаму, се стрела во првиот човек на МВР за кого опозицијата смета дека ќе биде иден кандидат за претседател, па се бара повод да се урива неговиот имиџ!
Но уште поважен фактот дека добивме уште еден доказ дека кај нас со лагите се управува од ЕДЕН ЦЕНТАР, а дека ТВ станиците (сега не само оние со национална фреквенција, туку и другите) се обичен и слеп извршувач на наредбите.
Како поинаку да се толкува фактот дека никој не отиде на „местото на настанот“ и навреме не провери дали тоа е измислен настан?! И како тоа, ниту првиот медиум кој го турна почетното домино на измислиците, сè уште се прави „на Тошо“?! Тоа е можно само затоа што се смета себеси доволно заштитен од релевантните (формално такви) институции, а може и да очекува да биде дури и награден.
Одлуката на Уставен „купена“ на Зелениот пазар
„Грабежот“, наводно јавен од читатели, па непроверен, е секако солидно обработен однапред. Секогаш се зема нешто што постои во реалноста во тој момент, што ја скокотка јавноста и на тоа се гради стратегија која потоа се проследува. Одлуката на Уставниот суд за зголемување на платите на државните функционери, од претседателот на државата, сè до градоначалниците на општините.
Колегата Сунај Сабриоски од ТВ24 очевидно е наменски новинар. И неговата галерија скапи костуми, по што е уникум на малите екрани, има своја специфична ролја, овој пат како контраст на вообичаениот дрес код за одење на Зелен пазар. Така, три дена по ред, тој оди на тој пазар и прави анкета за и околу падот на цените на овошјето и зеленчукот, најавен како активност на Министерството за економија.
Зошто е погодена неговата облека? Па, тој во основа добил друга задача каде неговиот шифоњер му помага да направи изместување на темата – од прашањето за новите цени на пазарите по одлуката на Владата за нивно замрзнување, тој со своите „анкетирани“ граѓани се префрлува на темата за функционерите кои ги зголемиле платите?! Вешта игра за контрастот меѓу оние што имаат и оние што немаат, кои ги има околу него, а костумот секако помага како драмска оска.
Во понеделникот и вторникот минатата недела, тој разговараше со лица кои очевидно и не дошле да купуваат на Зелен пазар, туку поминуваа покрај него (!) и се жалеа на пензиите. Со рацете во џеб, без кеси или торби, без што не се оди на пазар, тие секако беа „натуршчици“ што некој ги донел од некаде и кои не ни ѕирнале на тезгите! Една жена, на пример, си чекаше на автобуската станица и се жалеше на пензиите. Пазарот не го спомена. Што би ѝ рекол некој од спротивниот табор – да не ти беше пензијата поголема порано!
И од каде сега таа теза дека не требале да се замрзнуваат цените, туку пензионерите требале да земаат функционерски плати?
Па новинарите нека ја дадат веста дека барањето до Уставниот суд, со кој се поремети системот на плати го поднел адвокат кој е близок до ВМРО-ДПМНЕ, искажана како обвинување од првиот човек на Левица?!
Па јасно, таа вест за тој кој го подметна пожарот не се дава, но се говори за пламнатиот пожар во јавноста, што јасно укажува како се прави селекција, што најлесно добива детонатор преку – анкетите. Како метод кој лесно ги дава саканите одговори. Одново со селекција, секако.
Впрочем, одењето на Зелен пазар на новинарот Сунај Сабриоски, се одвиваше во период кога мерката за замрзнувањето сè уште не беше ниту донесена. Таа требаше да стартува од средата, ама медиумскиот простор добил налог однапред да се покаже како промашена мерка. Затоа следниот ден, во средата, Сабриоски се сликаше пред празни тезги, сугерирајќи дека пазарџиите бојкотираат (другите телевизии беа почесни и покажуваа и тезги и цени и купувачи!) или даваше наводни пазарџии кои бараа државата да ги контролира оние кои ним им продаваат стока на Кванташки.
Па зошто тие трговци одат на Kванташки? Ова е пазар каде треба да дојдат директните производители или тие треба таму да се претежно продавачи, а не да постои еден систем на повеќекратно подигнување на цените, односно каде маржата е и по седум пати поголема од цената која ја добива производителот! Другите телевизии даваа граѓани кои едноставно оделе во Тинекс и други шопинг центри каде цените – јасно кажаа – се замрзнати. Е, тоа е разликата која чисто покажува дека ТВ 24 е најизразениот идеолошки јаничар на овдешната ТВ сцена.
Ако има добри резултати, уфрли спин
Може да се каже сешто за актуелната ситуација во земјава од последните парламентарни избори (јули 2020 г.) наваму. Но факт е дека Владата ја помина земјава низ многу премрежија кои беа тешки за сите држави во светот (епидемијата, војната во Украина и енергетската криза). Тоа секако не смее да се види, треба да се замолчува за тие теми, да се минимизира успехот, да се заменува со некакви исконструирани тези од Штабот во Шампитата. Ако има епидемија, немало вакцини, ако вакцините дошле, тие не биле ефикасни, те сме имале најголема смртност. Посебно ова последното никогаш не беше докажано со релевантни факти.
Надминувањето на енергетската криза беше вистински подвиг, а контрите доаѓаа најмногу од телевизијата Телма, која како основач ја има фирмата која го затвори салдото за 2022 година со разбиен монопол. Од крајот на 2021 година, со обидот на опозицијата да инсценира криза на греењето во главниот град (да го загорчи животот на 70 илјади семејства), а по што требаше да се урне снабдувањето и со електрична енергија, па сè до денес, Макпетрол ниту малку не одигра славна ролја. При тоа, фактот што фирмата поседува телевизија со национална фреквенција беше злоупотребен – се претвори во нејзин мегафон.
На последниот прес на Владата од минатата недела, новинарката од оваа телевизија ги постави самата речиси сите прашања насочени кон оспорување на извештајот за работата на енергетскиот сектор за лани.
Нема потреба овој пат да одиме во спорења „точка по точка“, начинот на кој некој се обидуваше нешто што е целосно бело да го зацрни, често и на начин кој ве тера да се замислите дали се работи за новинарски прашања оформени во еден инфлуенсерски манир. Другите редакции речиси и немаа прашања, особено во оваа сфера. Но затоа извештајот за тоа како ЕСМ се бореше да нема кусок на киловати исчезна од медиумите, па може дури да се рече – целосно исчезна!
Затоа, во дел од медиумите осамна нешто друго – класичен спин!
Имено, бидејќи директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, даде оставка од својата функција и истакна дека тоа го прави од лични причини (да се посвети на семејството, кажа на нечие инсистирање во прес салата) се појави „негација“ на сè што кажа тоа попладне, целосно небитно за темата на пресот, преку гласот на неговата сопруга дека тој „никогаш не се грижел за семејството“.
Ова шприцање со позајмена црна боја така требаше да замени било каква сторија од типот – кој е заслужен за одличната работа на сите енергетски капацитети во земјава кога беше најпотребно, некои од нив „во аут“ и повеќе децении!
Каква „бравурозна“ прескакулица, каква лекција по замена на сликата за еден човек со друга, извлечена од валканата полит-архива! Патем, само за да се сфати маневарот, Ковачевски има формирано ново семејство и белким има право да се грижи за него?!
Една од актуелните причини зошто опозицијата, преку медиумите, кои речиси сите ги има во своите пазуви, настојува да води војна против власта преку постоечки или непостоечки мотиви секако е и аферата „Доказ“ односно Маријан Стаменковски… Сепак, да ставиме тука само три точки и да го почекаме развојот на настаните во еден значаен сегмент на медиумските настани.