Арне Слот доби отказ од менаџерската позиција во фудбалскиот клуб Ливерпул по разочарувачката втора сезона во која тимот претрпе 20 порази во сите натпреварувања. Сопствениците на клубот, „Фенвеј Спортс Груп“ (FSG), одлучија дека промената е неопходна за тимот да се движи напред, и покрај тоа што Слот ја донесе 20-тата јубилејна титула во Премиер лигата во својата дебитантска кампања.
Отказот следува по серијата лоши резултати, раните елиминации во домашните купови и убедливиот пораз од Пари Сен Жермен во Лигата на шампионите, иако раководството инвестираше над 445 милиони фунти во нови засилувања. Тензиите кулминираа со незадоволство кај навивачите на трибините, како и индиректни критики од играчите кои укажуваа на нарушена доверба и атмосфера во соблекувалната на „Енфилд“.
По официјалното заминување, холандскиот стратег се огласи со емотивно проштално писмо до навивачите во кое ја истакна тежината, очекувањата и одговорноста при секое излегување од тунелот на стадионот. Тој се потсети на заедничките моменти на радост и масовната прослава на титулата на улиците на градот, нагласувајќи дека тој голем успех бил заедничка награда за напорната работа и жртвата на сите во клубот.
Во завршниот дел од своето обраќање, Слот се осврна на еден од најтешките периоди за тимот – трагичната загуба на Диого, изразувајќи длабока почит за сочувството и хуманоста со кои навивачите застанале заедно во негов спомен. Холанѓанецот го заклучи писмото со искрена благодарност до играчите, персоналот, раководството и легендите, оставајќи порака дека новата генерација е подготвена да ја преземе одговорноста и да ја продолжи успешната историја на Ливерпул.
Писмото од Арне Слот во целост:
„Кога излегувате под оној славен натпис во тунелот на Енфилд, чувствувате мешавина од емоции. Одговорност, секако. Кон големата историја на овој клуб.
Очекувања, природно. Да се почитува наследството што 134 години го прави Ливерпул ФК еден од најголемите клубови во светскиот фудбал.
И решителност. Да се натпреварувате. Да победувате. Да донесете успеси за навивачите на Енфилд, познати низ целиот свет.
Тоа што сите тие емоции кулминираа со титула во Премиер лигата по само 12 месеци беше нешто навистина посебно. Тоа не беше само трофеј, туку и награда за напорната работа, жртвата и посветеноста што толку многу луѓе низ целиот клуб ги покажаа.
Сето тоа беше уште поважно затоа што го доживеавте заедно со нас. Пеејќи ги нашите песни, навивајќи за головите. А на денот кога го подигнавме трофејот, вие бевте таму. Наредени по улиците околу стадионот, исполнувајќи го Енфилд со исчекување.
Откако голем дел од тоа ви беше одземен во 2020 година, никогаш не го потценив колку значеше што бевте дел од сето тоа. Гледајќи ве како се собирате во стотици илјади по улиците на Ливерпул за прославата на титулата само ја зацврсти таа мисла.
Она што се случи на Вотер Стрит подоцна истиот ден беше шокантно и моите мисли остануваат со сите што беа погодени. Имав привилегија одблиску да го видам вашиот дух на сочувство и единство.
Тоа е дух што го носел овој град низ тешки моменти и порано, и се надевам дека ќе помогне да се донесат правдата и одговорноста за кои толку многу луѓе се бореа низ годините.
Само неколку недели по заедничката прослава, да го загубиме Диого е нешто што не може да се опише со зборови. Повеќе од сè, сакам да се сеќавам на соиграч, пријател и неверојатен човек кој ги допре животите на илјадници од вас секогаш кога го носеше славниот грб на овој клуб.
Во еден од најтешките моменти со кои се соочил овој клуб, љубовта, сочувството и поддршката што ги покажа семејството на Ливерпул беа извонредни.
Додека го напуштам овој клуб, би било неправедно да не кажам дека начинот на кој му оддадовте почит на Диого и застанавте заедно во негов спомен ќе остане со мене засекогаш.
Врската што ја споделуваме оди подалеку од фудбалот, подалеку од европските ноќи под светлата на Енфилд или звукот на „You’ll Never Walk Alone“ што одекнува од Коп.
Од самиот почеток направивте да се чувствувам добредојдено и ми помогнавте на мојот пат. Тоа е нешто што длабоко го ценам.
Секако, важно е да кажам благодарам.
На играчите кои го носеа грбот со гордост додека го претставуваа овој клуб низ светот. На вработените – не само на оние на тренинг-теренот – туку и на оние зад сцената, без разлика дали ги одржуваат терените на Енфилд или работат во мензата на тренинг-центарот.
На раководството и сопствениците на клубот за довербата и насоките. На легендите кои ме поддржаа и ми ја пренесоа важноста на Патот на Ливерпул.
Беше задоволство да работам со сите вас.
Дваесеттата шампионска титула на Ливерпул им припаѓа на сите нас и ќе остане важно поглавје во неговата историја. За тоа сите треба да бидеме горди.
Овој клуб секогаш ќе се оценува според најголемите трофеи. Така и треба да биде.
Но, заминувам знаејќи дека клубот е токму таму каде што му е местото: меѓу европската елита. Обезбедувањето фудбал во Лигата на шампионите беше важна одговорност и нешто што му овозможува на Ливерпул да продолжи да се натпреварува на највисоко ниво и следната сезона и понатаму.
Замнувам со целосна доверба во она што следува. Играчите кои му дадоа толку многу на овој клуб, кои ги почитуваа неговите вредности и помогнаа да се создадат толку многу незаборавни моменти, изградија темели што ќе траат.
Во исто време, се појавува нова генерација, подготвена да ја напише сопствената приказна и да ја прифати одговорноста што доаѓа со носењето на овој дрес.
Промените се дел од фудбалот, но знам дека овој клуб ќе продолжи да ги прави своите луѓе горди.
Кога првпат застанав под тој натпис во тунелот на Енфилд, знаев што бара овој клуб. Замнувам знаејќи дека никогаш не престанавме да се стремиме кон тоа.”
Ј. Ѓ.






