Пишува: ЗОРАН ИВАНОВ
Трик политика на актуелниот бугарски државен врв предводени од тврдокорниот живковист, претседателот на земјата која стана членка на Европската Унија пред 15 години и која оттогаш ментално и политички во демократија не се поместила ниту за микрон, сега смислува византиска итрина, демек ако им мине, да ја зезнат Македонија.
Финта како да го изиграат „македонизмот“, тој историски баук кој, преку таканаречената „Француска рамка“, во која ЕУ со нас заедно ја врами и Бугарија, на голема врата им зачекорува на заедничкиот европски простор, па сега, во пресрет на нашите наменски уставни измени, интензивно ни го торпедираат терминот „Македонски Бугари“.
Перфиден бугарски обид Бугарите во македонскиот устав да влезат не како сите други, како „дел од бугарскиот народ“ туку како „Македонски Бугари“, е навестување кое, како термин, деновиве од уста не го вадат и бугарскиот претседател Радев и неговиот времен министер за надворешни работи, Милков.
Згора, со интензивирање на активностите за отворање на Уставот, зачестуваат и нивните уцени од типот „доколку македонските Бугари не влезат во македонскиот Устав, ќе немало ништо од македонскиот ЕУ пат“.
Па добро, нека нема. Ама нема ни Македонски Бугари. Има Бугари во Македонија како што има и повеќе други етникуми. Ама „македонски“ Бугари овде нема како што во Бугарија нема „бугарски Македонци“. Има Македонци во Бугарија бугарски државјани идентично како што има Бугари во Македонија македонски државјани. Просто.
Патем, зарем Бугарите во Канада се „канадски Бугари“ или во Србија се „српски Бугари“ или пак Бугарите што живеат, работат па и се раѓаат во Тунгузија, на пример, се „тунгузиски Бугари“?
Башка, запнале активно да учествувале во македонските уставни корекции како ние овде од Марс да сме паднати и како да не ги читаме како селски буквар. Класични политички примитивци. Пуста ЕУ, кого сè не прибра.
Туку, и нашиве овде еквилибристики околу Уставот. Работни групи, комисии, партии, експерти. Ќе им се замати умот од уставната гужва. Отворајте очи да не биде после Цацко. Зашто, ако уставно ви се случат некакви „македонски“ Бугари, тогаш аналогно би било дека тие граѓани се од некоја си „Македонска Бугарија“. Па ако се тие од некаква „македонска Бугарија“ тогаш, според потврдената историската бугарска логика, нас овде ќе продолжат да нè тормозат во нивниот познат санстефански шаблон во кој има место за „бугарски Бугари“, за „македонски Бугари“, за Бугари од Бургас до Корча и од Дунав до Охрид. Сè само Б`лгари и толку.
Затоа, македонски уставотворци, гледајте да не испаднете глупави, зашто ете ја бугарската историска амбиција за „Един народ две држави“ и „две држави, два устава“.
Внимателно и со ум во глава. Во Уставот, како за сите, така и за нив: “дел од … народ“, зашто јајцето од нашиот источен сосед не ќе да е од велигденските туку…