Мисијата на ОБСЕ во Тирана денеска повика на мирна и отворена изборна кампања, каде „политичкиот натпревар ќе биде максимално конструктивен”.
Еден ден пред почетокот на изборната кампања, Мисијата на ОБСЕ во Тирана апелираше таа да се спроведе во согласност со албанското законодавство, меѓународните стандарди и препораките на ОБСЕ/ОДИХР.
Утре започнува изборната кампања за локалните избори на 14 мај. Тоа е важен чекор кон зајакнување и консолидирање на демократијата во Албанија на локално ниво. Останува уште многу работа да се заврши и ние сме подготвени да работиме со вас и по 14 мај, се наведува во соопштението на ОБСЕ во Тирана.
Од ОБСЕ очекуваат да се одржи „мирна и отворена кампања каде политичкиот натпревар ќе биде максимално конструктивен“.
Претходно порака упати и албанскиот претседател Бајрам Бегај.
Фер и непристрасен изборен процес, заснован на устав и закон е суштинска обврска кон државата. Изборите не се за политичките партии, туку за Албанија, за нејзините граѓани, порача меѓу другото Бегај.
Тој ги повика граѓаните да ја искористат својата слободна волја, додавајќи дека секое заплашување или уцена треба да се осуди и казни.
Изборната кампања официјално почнува утре и завршува на 12 мај на полноќ кога настапува изборниот молк.
Извор: МИА