Пишува: ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Гостувајќи на 18 април во емисијата „Разбуди се“ на белградската ТВ станица Нова, познатиот балкански аналитичар Игор Бандовиќ, нè потсети, за да нè „расони“, дека пред некој ден во Москва е осуден на дури 25 години робија познатиот новинар и опозиционер Владимир Кара-Мурза. Ова е секако највисока казна затвор која е изречена за опонирање на Путиновата агресија врз Украина и веројатно заради тоа заслужува да остане актуелна, а да не биде заборавена.
Но Бандовиќ, инаку директор на Центарот за безбедносна политика во Белград, во тоа гостување посебно ја акцентираше улогата на српските тајни служби во покренувањето на процесот на кој е изречена драстичната пресуда. Односно укажа на своевидното соучесништво на српскиот функционер Александар Вулин во обезбедувањето „докази“ за пресудата која го шокираше слободоумниот свет.
Виновен за предавство
Да се потсетиме. На 17 април, Градскиот суд во Москва, кој, како што пренесуваат медиумите, бил преполн со новинари, дипломати и поддржувачи на новинарот, кога еден од најгласните критичари на Кремљ, новинарот Владимир Кара-Мурза, е прогласен за виновен за предавство и ширење на лажни информации. Тој е осуден на максимална казна затвор од 25 години.
Според групите за човекови права обвиненијата, што Кара-Мурза ги негираше, а врз основа на што сега е осуден, се обид на Кремљ да го замолчи еден од своите најгласни критичари. Во својот завршен говор пред судот минатата недела, Кара-Мурза со пркосен тон одби да побара од судот да биде ослободен и рече дека стои зад сè што кажал, пишува Гардијан.
СРЕДБА Вулин и Патрушев имаат секогаш што да си кажат
„Се обвинувам себеси само за една работа. Што не успеав да ги убедам моите сонародници и политичарите во демократските земји за опасноста што актуелниот режим на Кремљ ја преставува за Русија и светот“, рече 41-годишниот Кара-Мурза, кого Амнести интернешнл (Amnesty International) го нарече „затвореник на совеста“.
Обвиненија од советско време
Кара-Мурза беше уапсен во април минатата година под обвинение за ширење на, според руските власти, лажни вести за армијата на земјата.
Во август 2022 година, тој беше обвинет дека е поврзан со „непожелна организација“ поради учество на конференција за поддршка на политичките затвореници.
Два месеци подоцна тој беше обвинет за предавство поради критиките упатени кон властите во Москва кои ги изнел на три јавни настани во странство.
ПРВОУАПСЕН Андреј Пивоваров беше уапсен веднаш по враќањето од Белград
Важно е секако да се нагласи дека Кара-Мурза е руски државјанин по раѓање, но поседува и британско државјанство кое го добил откако на 15-годишна возраст со својата мајка се преселил во Обединетото кралство. Ова е факт што малкумина го знаат. Активистот и новинар беше близок соработник на рускиот опозициски лидер Борис Немцов, кој беше убиен во близина на Кремљ во 2015 година. Тој беше близок и со поранешниот олигарх Михаил Ходорковски, кој е гласен критичар на рускиот претседател Владимир Путин.
Поради неговите политички активности, Кара-Мурза, како што тврдеше самиот, преживеал два обиди за атентат со труење, но и покрај тоа продолжил да поминува долги периоди во Русија. Игор Бандовиќ потсети дека обидите за убиство се случиле во 2015 и 2017 година. Кара-Мурза, во интервју за новинската агенција АФП во јуни 2021 година, рече дека нема намера трајно да ја напушти Русија.
Патем, новинарот и активист во октомври 2022 година ја доби наградата за човекови права Вацлав Хавел на Парламентарното собрание на Советот на Европа. Ова, пак, му се врати со тоа што Москва го додаде Кара-Мурза на својата листа на „странски агенти“, етикета која потсетува на ознаката „непријател на народот“, што се користеше во советско време за изолација на дисидентите, потсетува АФП.
Тврда пресметка со опозицијата
Напорите на властите во Москва за потиснување на критичарите добија на интензитет по инвазијата на Украина во февруари минатата година. Оттогаш сите најистурени политички противници на Путин, или побегнаа од земјата или се во затвор.
Најгласниот домашен критичар на Путин, Алексеј Навални во моментов отслужува деветгодишна затворска казна поради проневера. Друг истакнат опозициски политичар, Илја Јашин, беше осуден минатиот декември на осум години и шест месеци затвор за неговите изјави поврзани со војната во Украина.
ЗАД РЕШЕТКИ Осудениот Кара-Мурза рече дека не сака помилување
Инаку, Кара-Мурза беше еден од клучните поборници на американскиот Глобален Магницки Акт, кој предвидува санкции за прекршителите на човековите права во Русија. Од 2016 година, овој закон ѝ дава на американската влада овластување да санкционира странски владини службеници ширум светот за кои се смета дека ги кршат човековите права, како и да ги замрзне нивните средства и да им забрани влез во САД. На 3 март годинава, САД воведоа санкции за шест лица според тој закон, меѓу кои и на тројца судии, за нивната улога во одредувањето притворот на Кара-Мурза.
Белградската операција
Прашањето за улогата на директорот на српската Безбедносно-информативна агенција (БИА) во ова афера со руските дисиденти се отвори веднаш по неговото устоличување на новата функција, откако тој самиот беше неколку месеци во позиција на функционер без функција.
Порталот Нова.рс и претходно пишуваше дека постои можност човекот кој ја прислушувал руската опозиција да стане прв човек на српската тајна служба. Во тоа несомнено помогнало тоа што бил главен актер на меѓународниот скандал. Истиот се случил во мај 2021 година, кога група руски опозиционери на чело со Владимир Кара-Мурза и Андреј Пивоваров беа следени и прислушувани во Белград.
Таа акција резултирала најпрвин со апсење на Пивоваров, кој беше осуден на пет години затвор, а потоа во април годинава беше уапсен и Кара-Мурза, кој, според рускиот адвокат Дмитри Захватов, исто така е во затвор поради акцијата што ја извршил Пивоваров во содејство со рускиот безбедносен функционер Николај Патрушев.
„Пивоваров е уапсен затоа што Вулин му ја однел содржината на прислушуваните разговори на Николај Патрушев. А за тоа најмногу го товари и Владимир Кара-Мурза. Во Русија вака се спроведуваат овие работи – ако добијат доволно материјал за да те означат како предавник, според нивните стандарди, ќе започнат постапка против тебе на суд. Формалната причина зошто Кара-Мурза беше уапсен е наводно состанокот во Аризона на кој тој зборувал за војната во Украина“, рече Захватов.
Само две недели по посетата на Белград, во јуни 2021 година, на аеродромот во Санкт Петербург беше уапсен Андреј Пивоваров од организацијата „Отворена Русија“. Неговиот тим тогаш соопшти дека полицијата го сослушала, го пребарала неговиот стан и отворила кривична постапка за наводно кршење на руското законодавство за „непожелни организации“.
Набрзо беше откриено дека Пивоваров отишол во затвор поради соработката на Вулин со безбедносните служби на Руската Федерација. Ова, во интервју за порталот на Нова.рс го откри тогаш слободниот содружник – опозиционерот Владимир Кара-Мурза, кој изјави дека за време на нивниот престој во Белград биле следени и прислушувани руски државјани.
„Се собравме во хотел лоциран во Нов Белград. Собирот траеше една недела и веднаш забележавме дека нè следат. Секогаш кога ќе се сретневме на улица, некој беше зад нас и ги следеше нашите движења. Во рестораните, кога одевме на ручек, некој седеше до нас и слушаше што зборуваме. Беше толку очигледно и апсурдно. Дури и кога изнајмивме тура со брод по Дунав, цело време нè следеше друг брод. Иако ни беше дури и смешно, сега гледаме дека тоа е намерно направено и дека српските служби го направиле тоа за српскиот министер Вулин да се покаже како верно куче на секретарот на Путин, Патрушев. Сите наши разговори на состанокот беа снимени. Се надевам дека Вулин и Патрушев нешто научија додека ги слушаа“, вели Кара-Мурза во интервју за Нова.рс, пренесено и во весникот „Данас“.
Како што појасни следениот, Вулин само два дена по средбата на руските опозиционери во Белград, отпатувал за Москва и му ги предал транскрипциите од нивните разговори на секретарот за национална безбедност на Русија, Николај Патрушев. Резултат: апсење на коорганизаторот на средбата во Белград и рускиот опозиционер Андреј Пивоваров.
Борба против шарените револуции
Во транскриптот од разговорот до кој дошол „Данас“ се наведува дека Вулин му објаснил во детали на Патрушев како е запознаен со активностите на организацијата „Отворена Русија“, за која вели дека има поддршка од Западот и дека „дејствува против руски интереси“.
„Тој вети дека Србија редовно ќе ја информира руската страна за нејзините активности и членови“, се наведува во документот и се забележува дека Вулин рекол дека борбата против т.н. обоените револуции е исклучително важна за Србија.
Истовремено, како што се наведува во документот, руската страна ги запознала своите српски колеги со развојот на својот ИТ систем кој овозможува следење на објектите и следење на сомнителни лица, додека министерот Вулин укажал на исклучителната соработка меѓу двата органи за безбедност, додавајќи дека со руската страна на годишно ниво разменуваат околу 500 информации.
Михаил Ходорковски, некогаш најбогатиот Русин и другар на Андреј Пивоваров, за српскиот дневен весник „Нова“ изјави дека Пивоваров не направил ништо незаконско, но дека, без разлика на тоа, дефинитивно го чека максимална казна.
„Без разлика по кој член се обвинети независните политичари, колку и да се апсурдни и неосновани обвинувањата, пресудата речиси секогаш е уверлива. Членот од законот за кој се товари Пивоваров носи закана до шест години затвор. Се плашам дека казната ќе му биде блиску до максимумот“, изјави Ходорковски. И казната беше навистина блиску до максимумот. Пивоваров е осуден на четири години затвор.
Европскиот парламент го осудува прислушкувањето на опозицијата
Поради активностите на министерот за внатрешни работи Александар Вулин и неговата соработка со Николај Патрушев, Србија се најде на тапет на Европскиот парламент. Во резолуцијата за Србија, ЕП наведува дека е загрижен за формирањето на Работната група против обоените револуции од страна на српската и руската влада, чија цел останува нејасна. Во документот се осудува и прислушувањето на членовите на опозицијата.
„Ја изразуваме нашата загриженост за наводите за прислушување на руски опозиционери во Белград од страна на српските власти и наводното последователно доставување на материјалот до руските безбедносни служби“, се наведува во финалната верзија на резолуцијата.
Ако новоизбран директор на БИА, како министер за полиција наредил прислушување на руската опозиција во Белград, а содржината од нивните разговори им ја доставил на колегите во Москва. Логично е прашањето што би правел кога застана на чело на БИА, со оглед на тоа што центарот за прислушување се наоѓа – во Агенцијата? Ова прашање го постави парламентарката од опозицијата („Партијата на слободата и правдата“) Мариника Тепиќ, кога се слушна за инаугурацијата на Вулин за шеф на БИА. Таа на својот Твитер напиша дека именуваниот се докажал со прислушувањето на опозицијата.
„Вулин за директор на БИА! Лице кое никогаш не би поминало безбедносна проверка во ниту една нормална земја! Тој се докажа со прислушувањето на руската опозиција во Србија и таа снимка ја однесе кај Патрушев во Русија. Тоа го препорача за шеф на БИА? Да го победиме Информбиро од денес“, напиша Тепиќ.
Многу е веројатно дека назначувањето на Вулин ја прекинало соработката со безбедносните агенции на земјите од ЕУ и САД.
Кога во меѓународната политика ќе се говори за драстичните третмани на опозиционерите во Русија, секако отсега ќе се говори и за улогата на Вулин. На вагата на мерењето на приврзаноста на Белград до руските интереси, тој секако има посебно тежок тег.