Пишува: МАРЈАН НИКОЛОВСКИ
Добро утро… Точно е шест часот, почнува денот на Вашата Преобразба.
Вие наши гледачи и денеска ќе имате можност за уште една преобразенска терапија. Само следете не во живо и слушајте што ние Ви зборуваме, не гледајте што прави владиката. Тоа е вистинскиот пат за да го примите духот на преобразбата.
Почнуваме со утринската молитва „послушајте патриоти“ во изведба на владиката.
Веднаш потоа во информативниот утрински блок ќе се читаат делови од „Еванџелето на Преобразба“.
Терминот претпладне е резервиран за сокриената од светот историја за христијанските корени на Александар Македонски и неговото славно доаѓање на Светот за спасение на Македонците.
Специјалното издание „Слуги на сатаната“
Од пладне до ручек ќе можете да одите по патот на голготата на славните Македонци од Перу до Владивосток, а во ударните термини од ручек до полноќ е нашата специјална преображенска програма. Со помош на нашите новинари, уредници и водители ќе научите зошто трулиот западен империјализам со милениуми се обидува (за среќа неуспешно) да го уништи коренот на светот- македонскиот Божји престол. Ќе видите сведоштва како злосторничките НАТО војски од абортирани бебиња прават клонирана војска на робови. Ексклузивно ќе имате можност да се запознаете со славните руски победи во историјата, а особено сега во денешнината. Ќе видите зошто рускиот патријарх е глава над главите на Црквата. Ќе научите и за тоа како да бидете вистинска жена, слугинка на мажот, која треба да научи мислите на мажот да ги чита барем две минути пред тој да осмислил што ќе посака, а не да бидете понижена жена која треба на работа да оди и со останати непреобразени жени, бесцелни разговори да води. Од сведоштвата на нашите пра-пра баби ќе дознаете како се чувал редот во куќата, зошто мора на мажот нозете да му миете и во исто време кромид, јајца и ракија да го служите.
Во вечерните часови следува специјалното издание насловено како „Слуги на сатаната“ во кое ќе ги видите биографиите на грешните во ова наше намачено општество. Вие ќе имате право да гласате дали може за нив да постои опроштение грешним или не.
Пред полноќ ќе Ве поведеме по патот на долго чуваната тајна за тоа каде во Македонија е закопан Светиот Грал од кој Александар пиел вино и освен со Букефал со друг не ја поседувал светата преображенска голтка, по која ние сега трагаме за да имаме вечен живот.
Во ноќната програма ќе погледнете документарни серии за вистинските духовници кои помогнале за јакнење на нашиот дух. За делата на Николај Велимировиќ, Фермилијан Дражиќ, Пахомије, Славниот Путин, безгрешниот Буловиќ…
Бакнувањето рака на владиката е утре рано наутро пред 4 часот во неговата епархија…
Реалноста
Човекот во историјата најмногу се плашел неговата имагинација еден ден да не стане реалност, а посакувал, ама не верувал. Така и јас не би се смеел многу на една ваква имагинарна телевизиска програма, но како велат комшиите: „Никад не реци никад“.
Во една прилика, пред неколку месеци бев поканет на еден настан во организација на една невладина институција за реализација на еден проект финансиран од стратешките македонски партнери, а поврзан со македонското црковно наследство. На тој настан секако гости беа дел од владиците на МПЦ-ОА, а идејата на организаторите беше јас да зборувам за потребата од јакнење на капацитетите на МПЦ-ОА во комуникацијата со јавноста. Поради „неодложни обврски“, најголем дел од претставниците на Црквата заминаа во моментот кога требаше да биде мојата презентација. Мојата анализа подоцна во црковните кругови предизвикала поголема дебата што сум кажал и дали сум критикувал, отколку што од тоа што сум кажал, може и е корисно да се имплементира. Но, како и секогаш луѓето во Црквата избираат да добиваат информации, а ретко да слушаат изворни информации.
Овој Велигден уште еднаш ја потврди итноста од потребата МПЦ-ОА да научи да комуницира со јавноста, да научи да селектира кој и како може, и за што да комуницира во јавност. Настаните пред и за Велигден покажаа зошто Црквата треба да разбере дека јавноста потреба, а не хир.
Не требаше многу време да помине за да владиката Петар успее само со две реченици да покрие со пепел се она што владиката Јаков го отпочна како јавна дебата за Законот за родова еднаквост, аргументирано акцентирајќи ги спорните делови на законот на ниво на кое и личи на Црквата да дебатира и да ги брани своите учења, без да ја негира реалноста и општеството и да ја сатанизира еволуцијата. Во таа дебата, многу интелигентно и интелектуално се надоврза и Сестра Ефимија, која во едно интервју ја разобличува заблудата во јавноста дека жената е стигматизирана во и од Црквата, објаснувајќи теолошки на кој висок пиедестал е поставена улогата на жената во Црквата. Имаше и уште неколку други црковни ставови кои дадоа еден поинаков поглед на она што сме навикнале да слушаме од Црквата. И се тоа беше во ред, додека не се појави владиката Петар и во свој познат манир на селски поп не реши да ја брани жената од злобниот и злокобен Запад кој решил да ја еманципира и да ја претвори во блудница која го расипува семејството.
Ставовите на владиката Петар за мене не се никакво изненадување. Впрочем повеќе од 30 години неговото дејствување во МПЦ е деструктивно, кавгаџиско. Речиси и да нема човек во црквата со кој тој не влегол во конфликт. За мене несфатливо е што луѓе од Црквата делат исти ставови со него. Да зборуваш дека еманципацијата на жената е синдром што го уништувал семејството е елементарно непознавање на историјата на религијата на која и служиш. Да ја обвинуваш жената за разводите на браковите и немањето деца е непознавање на столбот на христијанската вера.
Во Македонската православна црква има многу млади клирици, интелигентни свештеници и луѓе кои несебично се вложиле себе си во афирмација и на Црквата и на црковните вредности во ерата во која реално живеат. Но, парадоксот е што нив или ретко ги има, или пак оние другите во црквата постојано наоѓаат начини како да ги сатанизираат. Чудно е како за секоја активност се наоѓаат повикани „чуварите на висината“, да најдат елементи како да ги омаловажат. Се сеќавате на мечињата на Пимен и идејата за подароци, па социјалната мисија на Бигорски, па хуманитарните активности на отец Оливер…
Што е улогата на црквата во современиот свет? Ја разбира ли воопшто владиката Петар мисијата што треба да ја спроведува? За што е тој владика на МПЦ-ОА? За венчавки и погреби? За партиско-политички советувања? За воскресение на патриотизмот? Да ги понижува жените? Да ги учи мажите како со некастрена ластегарка треба ред да воведуваат во семејството? Што е воопшто неговата мисија како пастир на своите верници? На што ги научил? Што направил да ја доближи денес црквата до младите, самите млади да се почувствуваат блиски до литургијата, до храмот, до црквата? На колку жени кои се жртви на сопствените насилни мажи им помогнал, ги згрижил, им дал верба за живот? Како се вика институцијата каде тие жени во неговата епархија се згрижени? Како се вика домот во неговата епархија каде се згрижени децата жртви на семејните недоразбирања? Тоа е мисијата на современата црква, а не хвалоспевите на патриотизмот со кој проповеда еднаш месечно по медиумите, а од следна недела секојдневно преку својата телевизија.
Опасна политичка игра
Не знам дали МПЦ воопшто примети, но се ми се чини дека годинава најголемата опозициска партија и испрати прилично сериозна порака. Јас барем на забележав кој било од раководството на оваа партија да се појави на некоја воскресенска велигденска литургија, а тоа по моја слободна проценка го протолкував како бојкот. Бојкот, кој веројатно има прилично оправдување на она што се случи ден пред Велигден, кога главната улога на „огноносец на Благодатта“ ја имаше владејачката партија.
Знаете како. Неспорен е фактот дека државата и црквата имаат и треба да имаат одредени релации на меѓусебна поткрепа, особено во периодот на решавање на македонското црковно прашање. Но, таа улога не и припаѓа на само една партија, таа улога и припаѓа на сите кои изминативе години беа, или се дел од тој процес. Неспорен е и моментот дека претставниците на власта, а со тоа и на партијата на власт, можат да бидат дел од делегацијата што ќе замине и од Ерусалим ќе се врати со Благодатниот оган, особено во годината кога тоа се случува за прв пат како канонска црква, но недозволиво е истите да ја имаат улогата на носители на процесот.
Простете, но нема никакво оправдување при жив и здрав владика на МПЦ-ОА и двајца архимандрити испратени со одлука на Црквата, Благодатниот оган на поглаварот на истата Црква дома да му го носи лидерот на владејачката партија, а владиката да биде декор. Мене ми е совршено јасно дека од таа снимка незгодно му паѓа и на Архиепископот, но мора некој да им каже на политичарите како е редот. Ниту некој ќе е навреден, ниту ќе е омаловажен, ако фенерот со Огнот го предаде владика на владика, како што е ред, а не политичар на владика.
Но, за жал таквите мизерни дневно-политички ексцеси се повторува со години како што се повторуваат смените на власта. МПЦ-ОА не може и не смее да биде приврзок на ниту една власт. МПЦ-ОА, може и оправдано да биде партнер со државата, но истовремено и секој мора да остане на своите позиции.
Современиот секуларизам не е атеизам, но не е ниту процес во кој Црквата е нечиј партиски општински огранок на партиите на власта. Црквата мора да биде достојна на времето, мора да биде критичар на неправдата, столб на државноста во националните интереси.
Проблемот е внатрешен
Овој е само последен пример на лоша политизација. За жал постои и обратен процес, кога политизацијата на Црквата не ја прави само политика, туку свесно и намерно црквата ја политизираат и клириците. Прочитаjте ги посланијата на одредени владици, погледнете нивните јавни настапи, нивните проповеди по литургиите… Па зарем има некој клирик потреба да биде политичар наместо духовен водач? Просто е несфатливо како одредени владици директно и индиректно се впрегнати во одредени политички и партиски кампањи. Еден месец Црквата молчи за најгрубата политизација на една „фашизоидна и популистичка“ агенда на една политичка партија која во име на Црквата билда рејтинг. Зошто? Затоа што барем тројца Архиереи се влезени дебело во кампањата на таа партија и се закануваат на Синодот дека пред Архиепископија ќе им ги донесат сите 300 членови на таа партија на протест?
Се ова е само внатрешен, веќе многу сериозен проблем на црквата, која паралелно со тоа веќе подолг период има и сериозен проблем со тоа како она мисли дека јавноста ја перципира и како всушност јавноста ја перципира. Причината е проста и едноставна. Нема ниту ред, ниту стратегија како да научи да комуницира со јавноста и за жал поединците кои ја киднапираат јавноста со своите настапи успеваат да го навлечат целокупниот гнев не само врз себе, туку и врз целата Црква.
Не разбирам, зошто МПЦ не успева да разбере колку е важно за нејзе да воспостави добра стратегија за комуникација. Во тоа нема ништо сатанско, во тоа нема ништо нехристијанско. Тоа не е Пи Ар, тоа е неопходност за да својата вистина допре до јавноста како што доликува на една црква. Таквата стратегија мора да се потпира на потребата од прилагодување на однесувањето на Црквата во современиот свет, и тоа не е правење компромиси со догмата како што одредени „чувари на вистината“ тоа го проповедаат. Црквата не смее да остане заробеник на времето, Црквата не е традицијата, црквата е грижа за справедливоста, утеха на стравот, сила на безнадежноста.
Колку е потивка црквата, толку е погласна глупоста од која најголема штета има токму Црквата.
Кога работите ќе ги оставите на стихијноста, просторот ќе Ви го освојат проповедниците на „Еванџелието на популизмот“, а во него е запишано дека Христос од Олтарот треба да се замени со Фреската на Александар.