Со издавање на гаранција за задолжување на комуналното претпријатие за поставување на две фотонапонски централи, кои со електрична енергија ќе ги обезбедуваат општинските институции, јавните претпријатија и јавното осветлување, Струмица ќе биде енергетски независна.
Оваа одлука денеска ја донесе Советот на Општината со мнозинство гласови и прифати гаранција за задолжување во износ од 131 милиони денари кај домашна банка за рок од 10 години со грејс период од една година.
-Визионерство е да се користат обновливите извори на енергија и ние тоа во Струмица го правиме и таа ќе биде енергетски независна општина. Целта на поставувањето фотонапонските ценрали на ЈПКД „Комуналец“ не е да прави профит, туку да генерира заштеди и Општина Струмица да биде независна од берзата. За десет месеци Општината плати 147 милиони денари за потрошена електрична енергија и затоа не треба да има дилеми дали треба да се прифати овој проект, рече градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.
Фотонапонските централи ќе се подигнат на покривите на комуналното претпријатие и Пречистителната станица, која е еден од најголемите потрошувачи на електрична енергија.