Во Белорусија се зголемуваат стравувањата дека Москва го турка својот близок сојузник директно да се вклучи во борбите во Украина, пишува АП, пренесува Индекс. АП посочува дека стравувањата се зголемени откако Белорусите беа повикани да учествуваат во воена обука.
„Руските сили се веќе во Белорусија, гледам дека земјата полека се претвора во касарна“, изјави за АП Руслан, инженер кој неодамна добил покана за воена обука во главниот град Минск. Тој не сакаше да го каже своето презиме бидејќи е загрижен за својата безбедност.
Белорусите се плашат дека Москва нема да им дозволи долго да ја гледаат војната оддалеку, наведува АП. Белорускиот претседател Александар Лукашенко се потпираше на Кремљ за политичка и економска поддршка со месеци додека земјата беше потресена од масовни протести поради наместени избори, пренесува Индекс.
Неодамна во Минск беше формирана единица за противвоздушна одбрана, која, како што се верува, вклучува и руски ракетни сили. Претходно овој месец, украинскиот претседател Володимир Зеленски ги посети граничарите во северозападниот регион Волин, кој граничи со Белорусија. Во таа прилика тој порача дека Украина „мора да биде подготвена“ за евентуална инвазија од Белорусија.