Во вторник (2.05) од 20 часот во Младински културен центар ќе се случи четвртата изведба на дуодрамата „Кенди“ во режија на Тамара Стојаноска.
„Кенди“ е дуодрама во која зборуваме за зависност кај младите со фокус на опијатната зависност според романот на Лук Дејвис (Candy: A Novel of Love and Addiction), авторски текстови и материјали од ХОПС – Опции за здрав живот.
Претставата е анатомија на една љубов, шетање низ спомените на еден пар чија љубов постепено се изобличува и станува механичко трагање по еуфорија, бегство од притисокот на секојдневниот живот.
„Кенди“ вушност е приказ на едно „современо“ општество кое дозволува огромна стигма и дискриминација кон корисниците на дроги. Најзначен фактор кој ја намалува можноста од злоупотреба на дроги се токму родителите, кои, во многу случаи последни се соочуваат со проблемот. Општествената стигматизација и институционалната дискриминација водат кон ширење омраза и насилство, недостатоци во здравствениот систем и идни случаи на предозирање и злоупотреба на дроги.
Во претставата играат актерите Лео Поповиќ и Бобан Алексоски, музиката е на Лука Тошев, а продукцијата на независниот театар „Златен Елец“ од Скопје.