Во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопнатсво, денеска во Скопје се одржа настан со кој официјално беше означен почетокот на ИПАРД 3 програмата. На настанот присуствуваа вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, министрите Каја Шукова, Благој Бочварски и Ристо Пенов, како и многу градоначалници, претставници на социо-економски партнери, ЛАГ-ови, претствници на Планските региони, здруженија и земјоделци. Свое обраќање имаше вицепремиерот Маричиќ, министерот Николовски и директорот на Платежната Агенција Никица Бачовски.
„ИПАРД е нашата успешна приказна, ние сме лидери во регионот. Една мала земја како нашата, успеа да се избори за лидерско место во конкуренција со двојно поголеми држави и држави кои се членки на ЕУ. Доказ е тоа што ние имаме број на инвестиции колку Србија, Црна Гора и Албанија заедно! Ние сме лидери по три основи. Имаме најголема искористеност од 98% на средствата од ИПАРД 2 програмата со склучени 2369 договори, нула евра поврат на средства за целиот ИПАРД 2 период и први во регионот ние започнуваме со ИПАРД 3 програмата. Успех кој се мери во милиони евра инвестирани дома! Успех преточен во инвестиции по европски стандарди за модернизација на земјоделството и зголемен рурален развој” изјави министерот Николовски.
Во своето обраќање Николовски посочи дека реализирани се многу нови преработувачки капацитети, објекти за рурален туризам, фарми, модерна земјоделска механизација, системи за наводнување и мали бизниси од рурални средини. Новите капацитети значат золемено производство, нови вработувања, поголем рурален туризам и зголемена домашна економија. Радува фактот што од 2369 договори, дури 859 се млади земјоделци, чии инвестиции во земјоделството изнесуваат 9. милиони евра. А она што дава уште поголема тежина на овие бројки е фактот дека сите инвестиции финансирани од ИПАРД ги исполнуваат строгите ЕУ стандарди.
„Ова е нова страница во развојот на мекедонското земјоделство, кое ќе го зголемува извозот на македонските земјоделски производи на пазарот на ЕУ и ќе ни даде добра основа за многу повеќе и поголеми структурни европски фондови, бидејќи тоа го носи членството во Унијата. И ова е потврда и најсилен доказ зошто сме и зошто треба да останеме на европскиот пат” потенцираше вицепремиерот Маричиќ.
Новиот програмски период со ИПАРД 3, започнува со 62% поголем буџет во споредба со ИПАРД 2.
„Ако за ИПАРД 2 имавме на располагање 60 милиони евра, за ИПАРД 3 имаме 97 милиони евра доделени од ЕУ, кои заедно со нашите пари за национало кофинансирање достигнуваат вкупно 128 милиони евра. Ако на овие 128 милиони ги додадеме и очекуваните суми за сопствено учество на корисниците, вкупната вредност на новите инвестиции надминува 210 милиони евра. Овие средства се наменети за граѓаните и тие ќе останат дома, претворени во нови инвестиции во сите сектори во земјоделството и руралниот развој” подвлече Николовски.
За целиот ИПАРД 2 период, фокусот на Владата, министерството и Платежната агенцијат беше насочен кон создавање на предуслови за подобра имплементација на програмата и крајно – поголема искористеност на овие неповратни средства.
„Институциите, пред се министерството и агенцијата вложија големи напори во промовирање и афирмирање на програмата со цел запознавање на крајните корисници со сите услови, критериуми и правила, подобрување на имиџот на самата програма и испраќање на силна порака дека ИПАРД не познава вери, нации, припадности, политички проминенции. ИПАРД е тука да го поддржи секој кој приоѓа со добар проект” изјави директорот на Платежната агенција, Никица Бачовски и дополни дека целта на ИПАРД е да го поддржи земјоделството, да го поттикне руралниот развој и стопанството во руралните средини.
На настанот беше презентирана новата ИПАРД 3 програма која е различна од ИПАРД 2 по неколку основи. Покрај 4-те веќе акредитирани мерки од ИПАРД 2, ќе се акредитираат дополнителни 4 мерки, и тоа Мерка за рурална инфраструктура, Мерка за ЛАГО-вите за локален економски развој, Мерка за Агро-екологија, клима и органско производство што ќе придонесе за заштита на животната средина и надминување на влијанието од климатските промени и Мерка за советодавни услуги.
Министерот Николовски ги информираше присутните градоначалници, за новата Мерка за рурална инфраструктура која ќе биде акредитирана во 2024 година и која е наменета за општините. На располагање ќе имаат буџет од 17 милиони евра за инвестиции во обновливи извори на енергија, локална патна ифраструктура, водовод и канализација за поголем развој на руралните подрачја. Се воведува и нов начин во обезбедување на потребната документација, ќе се користи електронски системи за набавка на документи од Централен регистар, со што ќе се поедностави, олесни и забрза процесот и ќе се намалат трошоците за корисниците.
А најголемата новост е тоа што со ИПАРД 3 се овозможува авансна исплата до 50% од висината на финансиската поддршка, веднаш по потпишување на договорот, што ќе биде големо олеснување за побрза раелизација на сите инвестиции и голема финансиска помош за полесен старт на проектите.
Во текот на мај и јуни ќе биде спроведена интензивна теренска информативна кампања во сите региони, пред да биде објавен првиот повик од ИПАРД 3 програмата кој треба да се објави кон крајот на јуни.