Заедничка изложба наречена „Заедно” на уметници од Бугарија и Северна Македонија беше отворена синоќа во зградата на Европскиот парламент во Брисел од европратеникот Илхан Ќучук. Специјален гостин на настанот беше претседателката на ЕП Роберта Мецола. Според неа, Европската Унија и Парламентот се посветени на унапредување на долгорочните односи меѓу Бугарија и Северна Македонија.
„Ќе продолжиме да ги охрабруваме двете земји на дијалог и работа за заедничка европска иднина. Оваа изложба има за цел да го прослави заедништвото меѓу Бугарија, Северна Македонија и Европскиот парламент”, рече специјалната гостинка на отворањето на изложбата, претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола.
На отворањето присуствуваа постојаниот претставник на Бугарија во ЕУ амбасадорот Румен Александров, амбасадорот на Северна Македонија во Европската Унија Зулфи Исмаили, кустосите Ана Франговска од Северна Македонија и Атанас Андасаров од Бугарија, европратеници, претставници на дипломатскиот кор во Брисел и претставници на медиумите.
Од уметниците од Република Северна Македонија на изложбата се претставија сликарите Жанета Гелевска-Велјаноска со делото „Пејзаж”, Симонида Филипова-Китановска со „Композиција”, Илија Кочовски со „Пејзаж 2″, Александар Станкоски со „90.000 овци”, Жаклина Глигориевска-Кочоска со „Возбуда или за потеклото”, Марина Цветановска-Мартиновска со „Ни на небо ни на земја”, Дијана Томиќ-Радевска со „Цветовите на Галичник 1″, Марина Лешкова со „Галичник” и други, стои во соопштението.