Министерот за финансии, Фатмир Бесими после одржаната владина седница за презентирање на законските измени кои ќе се предлагаат до Собранието за реализација на коридорите 8 и 10д. изјави дека измените на законите се во насока на побрза реализација и пониски трошоци за овој стратешки проект, кој е од национален интерес.
„Со измените на Законот за експропријација се поедноставува процедурата за експропријација и се прецизираат одредби кои во пракса се покажаа дека не се доволно јасни. Измените се во интерес на граѓаните и ги штитат нивните права и не значат дека ќе се овозможи легализација на нелегално изградени објекти. Легализацијата на бесправно изградените објекти, а за кои има поднесено барање се одвива согласно законско решение донесено во 2011 година и направени измени подоцна. Она што се овозможува со измените во Законот, што денеска беа усвоени на седницата, е дека граѓаните за имот кој ќе биде предмет на експропријација, а живеат во него, ќе имаат право на надомест за закуп во период од 12 + 6 месеци”, истакна министерот за финансии Бесими и додаде дека измените кои се предлагаат ќе се применуваат за сите проекти каде има процес на експропријација.







