Во обраќањето до јавноста на српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека до девет часот биле предадени 9.401 парчиња оружје и дека ќе се ангажираат светски експерти да работат на поддршка на децата и родителите, јави дописникот на МИА од Белград.
-До 9 часот утринава, согласно одлуките донесени во претходните денови и страшните трагедии во Белград, во околината на Младеновац и Смедерево, во акцијата за собирање оружје собрано е 9.401 парче оружје, 460.537 куршуми од различен калибар, а собрани се и 884 минско- експлозивни направи, од кои 711 бомби и зољи, изјави Вучиќ.
Како што оцени, „особено е задоволен од она што е постигнато со испраќањето полицајци во училиштата“.
Тој потсети дека премиерката Ана Брнабиќ се сретнала со претседателот на Советот на родители на основното училиште „Владислав Рибникар“ и дека било договорено да се исполнат сите барања на родителите.
-Потребно беше се да се разјасни. Ќе разговараме и со светски експерти, разговаравме со норвешката амбасада бидејќи таа земја има искуство по злосторството што го изврши Брејвик кога беа убиени 77 млади луѓе. УНИЦЕФ ги има најдобрите експерти и тие ќе работат со нашите експерти, ќе обезбедиме средства за тие програми, рече Вучиќ и додаде дека од Институтот за ментално здравје биле ангажирани 156 психолози.
Во врска со мититнзите кои се одржуваат во Србија и од него најавениот за 26 мај, Вучиќ изјави дека собирот закажан за 26 мај не е контрамитинг, како што објавија некои медиуми, бидејќи за тој датум не бил закажан друг митинг.
-Собирот е организиран за важни одлуки кои не се поврзани со омраза, никого нема да пцуеме ниту да ја злоупотребуваме трагедијата, не организираме спонтани собири, туку да кажеме каков е планот за иднината на државата. Тоа е собир за обединување, а не на поделба. Ние не закажавме собири за 12-ти или 14-ти кога спомнаа дека го сакаат, туку многу однапред кога немаше друг собир и секако дека ова не е контра митинг, рече Вучиќ.