„Од последните активности на уште несовладаниот национализам на Груевски ние и сега можеме да видиме дека играат на карта на национализам, дека опасност нè демне, од да речеме, албанската страна, што е неверојатна глупост, затоа што не можам да верувам дека ние сега овде седиме и разговараме за некаков си мултикултурализам, за национална поделеност во денешно време. Ако овој проблем би го спомнале да речеме во Америка или било која европска земја, сите ќе се смеат и ќе се чудат „за што говорите вие?“. Зарем е тоа толку битно и толку голем проблем кај вас? Како да стоиме 5 века наназад“, вели актрот Петар Арсовски во интервју за ФРОНТЛАЈН.
Господине Арсовски, како директен учесник во Шарената револуција, сметате ли дека движењето имаше влијание во развојот на мултикултурализмнот и толеранцијата во земјата?
Арсовски: Секако. Шарената револуција покажа и го извади на видело мултикултурализмот во смисла дека се сретнавме сите заедно. Независно кој од која вера е, од која националност е во решавањето на еден проблем, а тоа е уривањето на режимот на Груевски. Јас нема да заборавам слики со врзани занамиња каде наши албански соборци носеа македонски знамиња, ние носевме албански, турски знамиња. Така што, на некој начин, на јавноста ѝ покажавме дека проблемите што ги решаваме, не само преку Шарената револуција, и не само тоа, претходеа и други бунтови и протести, како што беше оној за Мартин Нешкоски.
Се сеќавам како преку реката Вардар нѝ носеа патлиџани и јајца бидејќи наоколу по дуќаните ги снема, за да можеме да маваме по зградата. Тоа беа нашите албански сонародници коишто нè снабдуваа со „оружје“. За мене не беше изненадување зошто јас има контаткти со луѓе од другите националности и знам горе-долу, преку социјалните мрежи дека проблемот е заеднички и дека немаме само ние Македонците проблем да се справиме со „режимот на Груевски“, туку тоа е исто толкав проблем и за другите народности.
Така што има тука истакнати борци, не би сакал да именувам, да не заборавам некого, имаше и од другите народности. Тие останаа борци и останаа наша придобивка од Шарената револуција. Тоа се луѓе кои се сега страшно активни, и во Парламентот и во Владата, независните медиуми, и во невладините организации…
Шарената револуција беше настан без преседан, мислам дека и самите ние како учесници не мислевме дека ќе има толку силен одек и толку силно влијание на општествените промени на коишто сме сега сведоци.
Имавме среќа некои од политичарите да го здогледа тоа и да успее да ги вклучи учесниците од Шарената револуција во општествените текови. Тако што, сега имаме истакнати работници, дејци коишто се од сите народности… Тие сега предничат во борбата за човекови права, за демократија, за едно подемократско општество за кое можам да кажам, од Шарената револуција па наваму, направи крупни чекори напред.
Колку претходната власт играше на етничка и националистичка карта за да добие политички поени?
Арсовски: Они добиваа политички поени, но привидни. Тоа се покажа по Шарената револуција и особено се покажува сега кога сите партии, и албански, и турски и од другите народности, се приклучија кон владејачката партија, како коалициони партнери.
Играјќи на таа етничка нетрпеливост и истакнувајќи ги другите ентитети како непријатели, како нешто против кое треба да се бориме за да го истакнеме македонизмот и национализмот изгуби не само партнери, туку изгуби граѓани, соработници, изгуби една многу битна страна од популацијата којашто ќе му беше драгоцена и којашто на сегашната власт и е четврта нога за да може да стои цврсто и да може да смета на понатамошен прогрес, понатамошен развој, за остварување на сите оние ветувања и планови што ги има пред себе…
Од последните активности на уште несовладаниот национализам на Груевски ние и сега можеме да видиме дека играат на карта на национализам, дека опасност нè демне, од да речеме, албанската страна, што е неверојатна глупост, затоа што не можам да верувам дека ние сега овде седиме и разговараме за некаков си мултикултурализам, за национална поделеност во денешно време. Ако овој проблем би го спомнале да речеме во Америка или било која европска земја, сите ќе се смеат и ќе се чудат „за што говорите вие?“.
Зарем е тоа толку битно и толку голем проблем кај вас? Како да стоиме 5 века наназад. Навистина не ми се верува дека тоа станува проблем, и не само проблем туку и некакава си карта на која некоја идна владејачка партија или сегашна опозиција ќе смета дека ќе може да добие поени. Па зарем не ги слуша нашите албански сонародници како се паметни, колку знаат….Обични домаќини, луѓе, земјоделци. Сè им е јасно, каде треба да одиме и што треба да правиме.
Колку актерската фела и воопшто уметниците, негуваат мултикултурализам? Успеа ли вашата фела да влијае во надминување на национализмот?
Знаете како? Тоа е веќе одамна надминато во мојата фела. Кај нас е смешно да спомнеш дека некој е, не знам, Турчин, Албанец, од Егејска Македонија. Тоа се глупости…..
Еве сега ќе го споменам последниот успех на Медена земја. Вие гледате кои се автори на тој филм? Дали некој некогаш спомна кој е снимателот, кој е режисерот, режисерката, која е главната глумица?!
Сите ние заедно бевме во Медената земја. И сите заедно не спиевме чекајќи го исходот од Холивуд. Тоа е патот. Тие 6-7 луѓе нѝ покажаа каде треба да се движиме, како треба да живееме, на што треба да се радуваме.
Кога ќе влеземе во ЕУ, дали за 5-10 години, тоа прашање на национализам ќе биде толку небитно. Тоа ќе биде некој анахрон проблем.
Според Вас, колку медиумите влијаат на унапредување или уназадување на толеранцијата и мултикултурализмот.
Арсовски: Жал ми што морам да кажам дека влијаат и на едно и на друго. Сè зависи од тој чиј е медиумот. За жал, многу малку независни медиуми имаме, медиуми коишто се општествени визионери, кои имаат општествена задача да бидат мотори на прогресот, објективни. Бркајќи атракција, посебно платените, за кои се чудам како не им е срам, чепкаат таму каде што не треба. Не знам како не им е јасно дека се прочитани…
Ивана T. Зафировска
Монтажа: Владимир Перчуклиевски
Камера и фотографија: Атанас Петровски