Се радувам на вакви убави бизнис приказни кои претставуваат инспирација и мотив за сите жени претприемачи во нашата земја, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, при неговата работна посета на Кавадарци заедно со директорката на УЈП Сања Лукаревска, каде посетија три компании, меѓу кои и „Еко – груп“ чија сопственичка е жена.
Битиќи појасни дека „Еко – груп“ е релативно млада компанија која своите почетоци ги има во 2017 година, а преку нејзиниот паметен бизнис и со усвојувањето на најсовремените деловни практики, како што кажа, успева да ги освои и меѓународните пазари.
Тој потсети дека компанијата се бави со преработка и конзервирање на овошје и зеленчук, вегански и сертифицирани органски, според регулативата на ЕУ, со високо ниво на додадена вредност, на палета од над 70 уникатни органски производи. Тие денес може да се најдат на пазарите во Бугарија, Црна Гора, Хрватска и Швајцарија. Суровините во поголем дел се од македонско потекло, со што оваа компанија обезбедува поддршка и за домашните производители, што, пак, доведува до поголеми можности за работа, зголемен приход и постабилна економска средина.
-Компанијата која е во моето портфолио на инвестиции, во 2021 година започна петгодишен инвестициски циклус во делот на поддршка за пораст на капитални инвестиции и приходи и поддршка за зголемување на конкурентност на пазарот.
Пазарот на органска храна рапидно се шири во последните години и се очекува да продолжи да расте во наредните години. Инвестирањето во органски прехранбени производи може да обезбеди можност за инвеститорите, имаат корист од овој бренд и секако за нашите граѓани нови можности за вработување, секако и поквалитетен живот, рече Битиќи.
Тој додаде дека преку понатамошно развивање на производството и преработката на здрави еколошки чисти и конзервни производи од овошје и зеленчук, компанијата ќе даде навистина еден позитивен импулс на локалниот економски развој, што за граѓаните на Кавадарци ќе значи креирање на нови работни места, повисоки плати и повисок животен стандард.