Шокантни сцени од навивачко насилство го одбележаа реванш натпреварот од полуфиналето во Конференциската лига во Алкмар меѓу АЗ и Вест Хем.
Англискиот клуб синоќа избори пласман во финалето совладувајќи го АЗ на двата натпревари, откако на првиот дуел во Лондон триумфираше со 2-1, а на реваншот во Холандија со 1-0.
По завршувањето на реваншот во Алкмар, група домашни хулигани го пробија заштитниот кордон и влегоа на дел од централната трибини каде беа сместени околу 200 навивачи на Вест Хем, во најголем број семејства и пријатели на фудбалерите на Вест Хем.
Навивачите на АЗ ги нападнаа гостите, по што неколку фудбалери на Вест Хем ја прескокнаа оградата и влегоа во метежот за да ги одбранат своите семејства и пријатели.
Полицијата и обезбедувањето брзо пристигнаа на местото на инцидентот и спречија негова ескалација, а редот беше воспоставен по десет минути.
„Не можам да објаснам што се случи и зошто се случи. Играчите се вклучија бидејќи таму беа нивните семејства, тоа веројатно е причината за реакцијата. Таму беше и мојот 87-годишен татко“, изјави по натпреварот тренерот на Вест Хем, Дејвид Мојс.