Законските измени кои се поднесени во Собранието воведуваат нова процедура за изградба на стратешки инфраструктурни проекти како патишта, железнички пруги, гасоводи. Кога станува збор за проекти од стратешко значење тогаш државата треба да направи посебна процедура. Не може да се израмнуваат со проектите за изградба на канализација, водоводи, општински проекти, станбено домување, рече министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски во „Топ тема“ на Телма.
Тој додаде дека прашањето кое во моментов е поставено е дали државата е подготвена да овозможи брза реализација на проектите, да ги изградиме автопатите за пет години, наместо за седум или осум.
Убеден сум дека експресниот пат кој се гради до Прилеп досега би бил готов доколку сме ги имале овие измени на законите. Тој пат сега се гради, но со потешкотии. Токму затоа го менуваме моделот, рече Бочварски.
Министерот додаде дека од целото собрано досегашно искуство на државата се прави подобар модел за побрза реализација на клучните проекти.
Целта е да работиме со основни проекти, кои практично се проектираат и работат во реално време, во фази. Да може проектантот да испроектира и од наредниот ден изведувачот да излезе на терен да работи. Проектите кои се стари, изработени пред 10-15 години, на терен покажуваат слабости, истакна Бочварски.