Над 1,89 милиони турски државјани досега го дадоа својот глас во странство на вториот круг од претседателските избори во Турција закажани за 28 мај, јави Анадолија.
Гласањето во дипломатските претставништва заврши вчера, додека гласањето на граничните премини ќе продолжи до 17 часот по локално време во недела.
Според Врховната изборна комисија на Турција, над 1,89 милиони луѓе (1.895.430) го дале својот глас во турските претставништва во странство и на граничните премини до 10 часот по локално време денес.
Во првиот круг избори на 14 мај, вкупно 1.839.470 турски државјани во странство излегоа да гласаат на претседателските и парламентарните избори.
Според Анадолија, бројот на гласачи во вториот круг од претседателските избори досега е зголемен за 55.960.
Народната алијанса на претседателот Реџеп Таип Ердоган освои мнозинство во Парламентот, додека за претседателската трка се одржува втор круг бидејќи ниту еден кандидат не доби просто мнозинство, или повеќе од 50 отсто од гласовите.
Ердоган, кој во првиот круг освои 49,52 отсто од гласовите, во вториот круг ќе се соочи со Кемал Киличдароглу, лидерот на главната опозициска Републиканска народна партија (ЏХП) и заеднички кандидат на шестпартиската опозициска Национална алијанса.