Во периодот од 1 јануари до 21 мај 2023 година спречени се 3.518 обиди за премин на државната граница од страна на мигрантите, а минатата година таа бројка била 5.226. Тоа покажува дека имаме намалување на обидите и тоа не малку, туку за 42 проценти, информира министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во интервју за „Слободен пешат“, одговарајќи на прашањето дали се намалува бројот на лица кои транзитираат низ државата. Потенцира дека ако се анализираат бројките намалување има, но миграцијата останува предизвик и во наредниот период.
– Имаме намален обид и на границата со Република Србија за 32 проценти. Топ три земји од каде најмногу доаѓаат мигрантите се Сирија, Мароко, Конго и помал дел од Пакистан. Карактеристично во делот на мигрантите е тоа што многукратно се зголемува откривачката дејност од страна на македонската полиција. Имаме спречено 29 случаи на криумчарење на мигранти, а околу 234 мигранти биле во обид да се криумчарат. Преземени се мерки на кривичен прогон за 21 лице, од кои двајца се српски и еден турски државјанин, се резултатите од борбата со нелегалната миграција, вели Спасовски.