Албанскиот премиер Еди Рама им се заблагодари на францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Олаф Шолц и шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, за покажаното инсистирање и посветеност да седнат претседателката на Косово Вјоса Османи и српскиот претседател Александар Вучиќ да разговараат.
Преку објава на Твитер, Рама нагласува дека се надева оти барањата поставени од Европската унија ќе бидат исполнети од двете страни за да се деескалира ситуацијата во летото на Косово и Приштина и Белград да тргнат кон конечниот договор за меѓусебно признавање.
– Не можам доволно да им се заблагодарам на претседателот Емануел Макрон и на канцеларот Олаф Шолц за она што го прават за да го финализираат процесот на нормализација меѓу Косово и Србија. Да се видат како седат со толку почит со двете страни за да се обидат да решат апсурден конфликт, кажува сè за нивниот голем европски дух. Ви благодарам, напиша Рама.
Пофални зборови упатува и до претседателката Вјоса Османи.
– Ја пофалувам претседателката Османи што директно разговараше со претседателот Александер Вучиќ и навистина се надевам дека овие три барања ќе бидат исполнети веднаш за да заврши овој апсурден конфликт пред да му наштети на угледот на Косово во неговата интеграција во демократската заедница, пишува Рама.
Голема благодарност од Рама и до Жозеп Борел за “неговата пасија и трпение да помогне конечно да се реализира овој историски развој”.