Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), објави прирачник со девет точки за постигнување нормализација, траен мир и стабилност во Косово. Во интервју за „The Geopost“, косовскиот премиер Курти посочи дека Ноќни волци и Вагнер биле на Балканот, додавајќи дека имаат информации дека во текот на месец декември биле и на северот на Косово.
Ова се само дел од темите од редакцискиот избор на ЦИВИЛ Медиа од албанските медиуми во регионот, за денешното издание на АЛ-ПРЕС.
КОСОВО
Коха: ОБСЕ со предлог од девет точки за излез од кризата на северот
„Првиот човек на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Бујар Османи, објави прирачник за излез од кризата во северно Косово.
Прирачникот содржи девет точки, за да се постигне, како што рече Османи, проширување и нормализација, траен мир и стабилност во Косово.
Првата точка од овој водич е Косово и Србија да ја потврдат својата посветеност на спроведувањето на бриселските договори и на Охридскиот анекс. Во втората точка од водичот се предлага Косово да ги повлече специјалните полициски единици, а Србија да ја укине тревогата за борбена готовност. Во третата точка се предлага полицијата со помош на КФОР и ЕУЛЕКС да управува со безбедноста на теренот.“, пренесе косовскиот дневник Коха.
Бота Сот: „Присуство на „Ноќни волци“ и Вагнер“, Курти вели дека се истражува можното влијание врз нападите во мај
„Премиерот на Република Косово, Албин Курти, во интервју за „The Geopost“ зборува за последните случувања на северот и за информациите дека таму биле присутни и членови на групата Вагнер.
Тој вели дека Русија е заинтересирана за дестабилизација на Балканот и за ова ја користи Србија, и дека Путин е опседнат со Косово.
„Путин е опседнат со Косово и тоа има многу врска со 1999 година и интервенцијата на НАТО. Тој е крајно огорчен што Косово е пример за успешноста на интервенцијата на НАТО, за градење на демократска држава и економски развој, додека е многу среќен што западната интервенција во Авганистан и Ирак не беше толку успешна. И тука Косово прави голем контраст, па би сакал Косово да пропадне како Ирак и Авганистан. Меѓутоа, Косово е независна и сè помоќна суверена држава, која не се повлекува и не се потчинува на Србија како клиентски режим на Москва и Кремљ“, вели Курти.
Од друга страна, Курти нагласува дека групите Ноќни волци и Вагнер биле на Балканот, додавајќи дека имаат информации дека во текот на месец декември биле и на северот на Косово.“, пренесува Бота Сот.
Клан Косова: „Српска листа“ има два услови за учество на претстојните избори
„Српска листа“ , најголемата партија на Србите во Косово, во понеделникот соопшти дека ќе учествува на изборите, кои на крајот ќе се одржат за општините на север, кога ќе бидат исполнети два услови.
Од таму порачаа дека специјалните сили на косовската полиција треба да се повлечат од северот на Косово и да се формира Заедница на општини со српско мнозинство, пренесува Клан Косова.
„Српска листа“ ги бојкотираше изборите за градоначалници на општините на северот – Северна Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ – и не ги признава ниту новите градоначалници Албанци, пренесе Клан Косова.
АЛБАНИЈА
Факс Веб: ЕК ја поздрави одлуката на Албанија за визниот режим за руските граѓани: Ги намалуваат нередовните пристигнувања во ЕУ
„Европската комисија ја поздрави одлуката на Албанија да не го обнови сезонското ослободување од виза за руските граѓани.
Според европската институција, овие одлуки се важни и „добредојдени чекори кон целта за намалување на нередовните пристигнувања во ЕУ“ долж западнобалканската рута, иако остануваат значителни предизвици.“, пренесе Факс Веб.
КОЛУМНА
Коха: Секира за меѓународната заедница
„Придружувањето на албанските градоначалници на општините со српско мнозинство со специјална полиција резултираше со повреди на 25 или 30 војници на КФОР. Тоа резултираше и со палење на автомобили на медиум и нивно брутално рушење. За среќа, новинарите главно без физички последици ја поминаа неконтролираната омраза на оние кои се нарекуваат мирни, невини, беспомошни, окупирани итн итн.“, пишува авторката Флака Сурои во колумната „Секира за меѓународната заедница“, објавена во дневникот Коха.
Д. Тахири / Цивил Медиа