На 13 јуни, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена изложбата „Дефрагментација“ со дела од колекцијата на МСУ-Скопје, подарени од уметници од Чешка, Унгарија, Полска и Словачка. Ќе бидат изложени вкупно 96 дела од 86 уметници. Изложбата е резултат на заедничката соработка на амбасадите на земјите од Вишеградската група и Музејот на современа уметност – Скопје. Куратори на изложбата се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.
На оваа изложба која што претставува и одбележување на 60-годишнината од скопскиот земјотрес ќе биде претставен избор од слики, скулптури и графики, кои се создавани во текот на 20-от век, поточно во периодот од 1905 до 1989 година и претставуваат репрезентативен преглед на достигнувањата во уметноста на повеќе генерации уметници од земјите од Централна Европа.
Во колекцијата на МСУ Скопје се чуваат вкупно 5291 дела, помеѓу кои и 22 дела од 11 уметници од Словачка, 56 дела од 27 уметници од Унгарија, 266 дела од 105 уметници Чешка и 224 дела од 136 уметници од Полска. И квантитативно, но и квалитативно делата од овие колекции претставуваат суштински дела од колекцијата и основниот концепт врз кој се темели МСУ.
„Од делата на Војтјех Прејсиг и Франтишек Музика, преку оние на Јежи Новосијелски и Тереза Паговска, па сѐ до делата на Јозеф Јанкович и Александер Трижуљак, како и Оршолја Дроздик и Јежи Трелински, оваа изложба претставува надоврзување и преиспитување на сите претходни претставувања на националните колекции. Изложбите на делата од колекцијата секогаш се добар повод за преиспитување на самата функција на музејот, како и за еден неопходен процес на дефрагментација, за метафорично ослободување на просторот и овозможување на нормално системско функционирање“, велат кураторите Јанчевски и Варошанец.
Веднаш по веста за земјотресот во Скопје во 1963 година, голем број уметници од целиот свет во знак на солидарност подарија дела на градот Скопје и новоформираниот Музеј на современата уметност. Меѓу уметниците, исклучително важно место заземаат поединци и здруженија од Чехословачка, Полска и Унгарија, кои подариле бројни дела во различни уметнички дисциплини, со што станале значаен дел од јадрото на колекцијата на МСУ.
„После подолго време пошироката јавност ќе има прилика да види некои од значајните дела од колекцијата на МСУ-Скопје, заедно со архивски материјали, кои се однесуваат на изложби и донациите. Kонцептот за солидарност на кој се темели МСУ е особено важен денес, во време на воени судири кои го обременуваат нашето секојдневие во современиот свет. Затоа, сметаме дека е многу важно постојаното потсетување за важноста на меѓународната соработка, која е основа за унапредување на општествената сфера и справување со заедничките предизвици“, потенцираат кураторите.
Соработници на проектот се конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска. Дизајнот на промотивниот материјал е на Илиана Петрушевска. Изложбата е реализирана со финансиска поддршка на Амбасадите на Чешка, Унгарија, Полска и Словачка во Република Северна Македонија.
Изложбата ќе биде отворена до 15 септември 2023 година.
ФРАНТИШЕК МУЗИКА | FRANTIŠEK MUZIKA (CZE)
Мртва природа со чинија/Still Life with a Dish, 1930
ЈЕЖИ НОВОСИЈЕЛСКИ | JERZI NOWOSIELSKI (POL)
Град во планините/Town in the Mountains, 1964
ЈОЗЕФ ЈАНКОВИЧ | JOZEF JANKOVIČ (SVK)
Последна вечера/The Last Supper, 1966
ОРШОЛЈА ДРОЗДИК | ORSOLYA DROZDIK (HUN)
Време/Time, 1978