Бугарскиот парламент во вторникот на вонредна седница, по две години нестабилна власт, со 131 глас избра редовна влада. Ќе ја води академик Николај Денков, кој беше предлог на партијата „Продолжуваме со промените“ на поранешниот премиер Кирил Петков. Иако е лут ривал со Петков, во Владата влегува и партијата ГЕРБ на Бојко Борисов.
Коалицискиот договор беше постигнат преку ротирачко премиерско решение. Во првите девет месеци Владата ќе ја предводи Денков, чии приоритети се влезот во Шенген зоната и реформите во правосудството. Во вторите девет месеци премиер треба да биде Марија Габриел од ГЕРБ-СДС, која во првододелениот мандат не успеа да обезбеди мнозинство за формирање влада.
Но, што значи изборот на Кабинетот Денков-Габриел за македонско-бугарските односи?
Исмет Рамадани, поранешен пратеник и актуелен претседател на невладината организација Евро-Атлантски Совет на Македонија, очекува новата бугарска влада со политички легитимитет, да го промени и пристапот кон Северна Македонија.
„По гласањето на новата влада со политички легитимитет, се очекува да се промени пристапот кон Северна Македонија. Прво, конечно, моќта на одлучување ќе се преземе од претседателот Румен Радев и влијанието на проруските сили во креирање на политиките, кои и ги контролираа овие години повеќе изборни циклуси. Второ, овие партии во владината коалиција се прозападни, што ја олеснува комуникацијата со нашите партнери како што се САД и ЕУ. Секако дека и ние како соседна земја мора да се однесуваме согласно западните стандарди и да се движиме кон евроатлантските интеграции без инциденти во комуникацијата со Бугарија“, вели Рамадани за Фронтлајн.
Мухамед Халили поранешен амбасадор и претседател на Советот на амбасадори смета дека тешко е да се предвиди каков би бил односот на новата бугарска влада кон Северна Македонија. Тој истакнува дека од 1990 година наваму, Бугарија има национален консензус за национални прашања.
– Ова влада може да има поблаг став кон проблемот со Северна Македонија, но општо земено консензусот се почтува, нагласува Халили.
И во Северна Македонија почнаа да се стишаат острите тонови во однос на уставните измени, кои се единствениот услов за Северна Македонија да чекори без пречки на нејзиниот пат кон ЕУ.
Премиерот Димитар Ковачевски, по лидерската средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, укажа дека опозициската партија не е против уставните промени.
„Ставот на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ пред нивното партиско седиште е променет и се разликува од тоа што јас го слушнав на средбата и од она што вие го слушнавте на прес-конференцијата, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ не е против уставните измени во државата. Тоа е заеднички заклучок и клучна порака од средбата што ја имавме. Ваквите одлуки се на сите политички партии, целото општество, а ова не е процес на еден човек, една партија, една влада“, рече Ковачевски.
Од друга страна Демократската унија за интеграција (ДУИ) „експресно“ одговори на барањето на опозиционерот, Христијан Мицкоски, за излез на ДУИ од Владата.
„ДУИ е подготвена да поддржи Влада без ДУИ до избори доколку опозицијата ги поддржи уставните измени и истите стапат на сила пред формирањето на таа влада“, сподели министерот за надворешни работи, Бујар Османи како реакција на барањата на лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски
Дестан Јонузи