Предлогот на Ковачевски до Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ да гласа за уставните измени и одма потоа ВМРО-ДПМНЕ да влезат во владата, отвора нови врати и дава свеж ветер во грб на патот на Македонија до членство во ЕУ, особено после спремноста на Мицкоски ВМРО – ДПМНЕ да влезе во Влада со СДСМ и да гласа за уставните измени под одредени услови.
Коалициските и владини партнери на СДСМ, се согласни ВМРО-ДПМНЕ да влезе во владата ако гласаат за уставните измени.
Либерално-демократската партија (ЛДП) е подготвена да го прифати влегувањето на ВМРО-ДПМНЕ во владејачката коалиција доколку опозицијата ги поддржи уставните измени.
Според претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, европската иднина на граѓаните е најважна.
„Европската иднина на граѓаните е најважна и секако напредокот на Македонија во преговорите со Европската унија и отворање на кластерите. И токму затоа го поздравуваме расположението на ВМРО-ДПМНЕ во нивниот избор да дадат поддршка во евроинтеграциските процеси и да гласаат за промена на Уставот. Добро е што ВМРО-ДПМНЕ не е против уставните измени, но истите да стапат во сила пред формирањето на влада во која би се приклучиле како опозициска партија. Сите заедно имаме одговорност по кој пат ќе ја движиме државата и каков стандард ќе им обезбедиме на граѓаните“, вели Зајкова.
НСДП поддржува влез во Владата на ВМРО-ДПМНЕ откако ќе се изгласа потребата од измени на Уставот, соопштија од партијата.
Оттаму го поздравија одржувањето на лидерската средба во насока на политичкото обединување на кое повикаа пред две недели и кое е неопходно за да се загарантира европската иднина на државата.
„Го поздравуваме прогресот во ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за прифаќање на уставните измени, кој процес треба веднаш да се започне во Собранието. НСДП е спремна со своите пратеници да поддржи влез на ВМРО-ДПМНЕ во Владата со цел остварување на највисокиот стратешки државен интерес-членство во Европската Унија, откако во Собранието заеднички ќе изгласаме прифаќање на Иницијативата за уставните измени“, порачааод НСДП.
За НСДП македонскиот јазик и македонскиот идентитет се загарантирани и заштитени со усвојувањето на преговарачката рамка и нема простор за загриженост, тие се гарантирани од нашите стратешки партнери Европската Унија и САД.
Повикаа на државнички пристап од сите политички актери, на разум и „да не дозволиме државата да стагнира, туку да бидеме одговорни и да го препознаеме политичкиот моментум за да исчекориме кон прогрес, реформи и општествен напредок кој го очекуваат граѓаните“.
Извршниот одбор на ДОМ поддржува влез на ВМРО-ДПМНЕ во Владата за продолжување на евроинтеграциските процеси, соопштуваат од ДОМ после седницата на Извршниот одбор на ДОМ каде се дискутирало за актуелната политичка состојба во земјата.
„ДОМ ја поздравува одржаната лидерска средба помеѓу премиерот и претседател на СДСМ, Ковачевски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, како основа за конструктивен дијалог и политичко обединување за продолжување на македонските евроинтеграциски процеси. ДОМ го поздравува ставот на ВМРО-ДПМНЕ за прифаќање на уставните измени и ќе поддржи влез на ВМРО-ДПМНЕ во Владата, откако во Собранието заеднички ќе се усвои потребата од измени на Уставот“, се наведува во соопштението од ДОМ.
И коалициските партнери во Владата даваат зелено светло за влез на ВМРО-ДПМНЕ во владата, ако гласаат за уставните измени.
ДУИ е подготвена да поддржи Влада без ДУИ до избори доколку опозицијата ги поддржи уставните измени и истите стапат на сила пред формирањето на таа влада, сподели министерот за надворешни работи, Бујар Османи како реакција на барањата на лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски по лидерскаta средба со премиерот Димитар Ковачевски.
„Европската иднина на граѓаните е пред сѐ!“, додаде Османи во својата кратка објава на Фејсбук.
Артан Груби на средба со заменик американскиот амбасадор во земјава Ерик Мејер истакна дека поважна е европската иднина на граѓаните и на нашата држава и дека ДУИ се подготвенини за секаква одлука што би овозможила консензуално одобрување на уставните измени.
Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари рече дека не е важно кој предлог на Ковачевски или Мицкоски е поприфатлив. Според лидерот на АА поважно е да се изгласаат уставните измени.
„Она што е важно за нас е дека ВМРО-ДПМНЕ веќе дава позитивни сигнали дека се подготвени да гласаат за уставните измени, нешто што веќе го кажавме пред месец-два дека на крајот ВМРО повторно ќе гласа за уставните измени. Предлогот веќе не е важен, за нас како политичка партија е важна агендата, додека агендата и единствениот пат на Македонија е патот кон ЕУ, без разлика на комбинациите и опциите кои се нудат, ние сме тука да ги поддржиме и помогнеме патот на РСМ да продолжи кон почеток на преговорите со ЕУ“, вели Арбен Таравари.
Европската унија со јасен став, дека сега е моментот да се направат уставните измени и да се премине на следниот чекор.
Вратата на Македонија кон Европската Унија е отворена доколку се воведат уставните промени. Така државата ќе премине на следниот чекор, истакна амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир. Нагласува дека доколку не се направат уставните измени, тоа значи дека сме ја пропуштиле шансата, која други ќе ја искористат.
„Уставните промени се голем проблем. Суверенитетско прашање е за државата. Но мислам дека неколку елементи ќе бидат особено важни и ќе треба да се земат предвид штом ќе се објави предлогот и ќе стане достапен за јавноста. Ќе почнам со уставните промени. Мислам дека пред сѐ тука се клучни тајмингот и контекстот. Лани во јули ги почнавме пристапните преговори со Северна Македонија. Засега процесот се одвива добро. Скринингот е во тек, тимовите се добро организирани и гледам позитивни промени. Постои залет. Но постои еден поширок контекст како резултат, за жал, на војната на Русија против Украина. Има залет за проширувањето и сите сега ја разбираат сериозноста на интересот за напредување во процесот на проширувањето на ЕУ. Мислам дека сега има голема шанса. Во овој миг вратата е отворена доколку се воведат уставните промени. Така државата ќе премине на следниот чекор“, рече Гир во емисијата „Клик плус“ на ТВ21.
Според него, Парламентот треба да се фокусира на аргументите, да ја види пошироката слика и да донесе одлука.
На лидерската средба на премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Ковачевски предложи, ако ВМРО-ДПМНЕ гласа во Собранието за уставните измени, веднаш по изгласувањето ВМРО-ДПМНЕ да влезе во владата при што СДСМ ќе ослободи половина од своите места за претставници на ВМРО – ДПМНЕ и да се има Влада во која ќе бидат дел сите партии кои се за ЕУ – интеграции.
Ставот на Мицкоски е дека ВМРО – ДПМНЕ е подготвен да влезе во Влада со СДСМ и со останатите политички партии но без учество во истата влада на ДУИ, а евентуалните уставни измени да важат од денот кога ќе отпочне ратификацијата на пристапниот протокол на Македонија во рамките на ЕУ од парламентите на 27 земји членки. Мицкоски дури дал и предлог кој вклучува поддршка на уставните измени од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Централниот и Извршниот одбор на СДСМ денеска ќе одржат седници на кои тема ќе бидат начинот и формата со кои понатаму ќе продолжат преговорите со ВМРО-ДПМНЕ, по новите околности на политичката сцена по вчерашната средба на лидерите на двете партии Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски.
Премиерот Димитар Ковачевски по средбата со вршителот на работите во Амбасадата на САД во земјата, Ерик Мајер на Фејсбук објави дека ова е период кога треба да ги донесеме клучните одлуки за забрзување на евроинтеграцискиот процес, бидејќи ЕУ е нашиот единствен пат.
Ј. Ѓ.