Во некои медиуми излезе шпекулативна вест дека само за граѓаните на Косово и Албанија се изедначува плаќањето на приватни здравствени услуги со нашите граѓани во јавните здравствени установи.
Она што го велат од Министерството за здравство и министерот Фатмир Меџити е дека се изедначува плаќањето на приватни здравствени услуги на сите странци со нашите граѓани во јавните здравствени установи.
„Започнавме процедура за потпишување на договор за соработка со Република Грција кој на граѓаните на Република Северна Македонија ќе им се признае здравственото осигурување, го изедначивме плаќањето на приватни здравствени услуги во јавните здравствени уставни на странците со граѓаните на Република Северна Македонија со цел да ставиме акцент на јавното здравство во Република Северна Македонија.“, рече Меџити.
Во врска со ценовникот за давање на здравствени услуги на странци до сите универзитетски клиники и институти е доставен допис за усогласување на ценовниците за приватни здравствени услуги за странците со оние за македонските граѓани, велат за МИА од Министерството за здравство.
– За овие промени не требаше никакви промени во Законот и дел од клиниките и институтите веќе имаа изедначени ценовници, односно еден ценовник за приватни здравствени услуги. Со оваа промена, на странските државјани им даваме право на избор помеѓу јавните и приватните установи, со тоа што го промовираме јавното здравство како една достапна ефикасна здравствена услуга во нашата држава, конкурентна на пазарот на трудот, појаснуваат од Министерството за МИА.
Оттаму информираат дека се започнува и процедура за потпишување на договор за соработка со Грција, со цел на уредувањето на меѓусебните односи во областа на социјалното осигурување, за непречено остварување на правата од социјалното осигурување при движење на нашите граѓани во Грција и преносливост на тие права при нивното движење во рамките на грчката територија.