Косовската полиција соопшти дека во средата вечерта во Приштина е убиен државјанин на Северна Македонија, пренесува Коха.
Во соопштението полицијата наведува дека засега не успеала да ги идентификува напаѓачите.
„Изјавено е дека осомничените, се уште непознати лица, пукале во машката жртва, државјанин на Република Северна Македонија. Надлежни полициски единици излегле на местото на настанот, а од страна на надлежниот лекар било констатирано дека лицето во автомобилот немало знаци на живот. На околу километар од местото на инцидентот бил пронајден опожарен автомобил со германски регистарски таблички, со кој пријавените побегнале од местото на настанот“, се наведува во полицискиот извештај.
По наредба на државен обвинител телото на жртвата е испратено на обдукција во Институтот за судска медицина.