„Заедно се изборивме стапката на невработеност кај младите да опадне на историски најниско ниво. Поставивме пример на сите други партии кога е во прашање младинската застапеност во партиски органи, на листите за советници и пратеници. Ова не е направено преку ноќ, станува збор за долгогодишна посветена работа и упорност. Затоа што многу се партиски подмладоци, но само една е Младина“ изјави премиерот Димитар Ковачевски на младинската трибина на Социјалдемократската младина „Младина, иднина, Европа“ во Скопје.
Тој додаде дека на иницијативи на младите досега се спроведени низа клучни проекти кои го подобруваат животот на сите млади во државата.
„Заедно успеавме да ги покачиме студентските стипендии, во некои категории над 80% и сега изнесуваат 6.600 денари. За првпат после една деценија воведовме стипендии за втор циклус од 9.000 денари и трет циклус од 18.000 денари за дефицитарни струки. Заедно со младите и студентите обезбедивме за прв пат мерка: субвенциониран студентски оброк од 2.700 денари во просек со којшто се опфатени 40.000 редовни студенти. Ја воведовме Младинската гаранција – прва држава надвор од ЕУ со можност за пракса, вработување, или преквалификација“ рече Ковачевски.
Премиерот додаде дека само изминатата година над 20 илјади млади невработени лица биле вклучени во Гаранцијата за млади, а од нејзиното воведување до сега ја искористиле над 80 илајди лица.
„Обезбедивме грантови за самовработување за млади – 5.000 евра по лице или 10.000 за двајца партнери доколку основаат фирма. Со мерката за самовработување само оваа година шанса за работа добиваат 2.078 невработени лица. Обезбедивме младински додаток од 3.000 денари на плата за млади во производствен процес. Грантови за млад земјоделец од 10 000 евра“ рече Ковачевски.