Во новиот коригиран ДУП за Лисиче во општина Аеродром, највисоката зграда на 12 ката е останата, до неа има уште една на 5 ката и уште 6 куќи на 4 ката. Другите згради се тргнати, дознава Фронтлајн.
Како што пишува Слободен печат, Лисичани од наредниот понеделник ќе го имаат на увид коригираниот ДУП за населбата Лисиче, во кој треба да се опфатени и забелешките кои граѓаните ги доставиле преку анкетните листови во периодот кога предложениот ДУП беше ставен на јавна анкета.
Откако на првата јавна анкета пристигнаа забелешки од дел од жителите на населба Лисиче, го продолжуваме транспарентниот процес за заедничко носење на новиот Детален урбанистички план за овој дел од Аеродром – информираат од Општината.
Јавната анкета ќе трае една недела, поточно од 3 до 10 јули, а јавната презентација ќе се спроведе на 5 јули во просториите на ООУ ,,Димитар Македонски”.
Коригираниот предлог-план ќе може да се види секој ден додека трае анкетата.
Жителите на Лисиче жестоко се спротивставија на предложениот Деталниот урбанистички план за Градска четврт ЈИ09 блок 09.01 со кој се предвидуваше во населбата да се изградат девет згради, од кои највисоката би била на 11 ката, но и три седумкатници. Тие организираа и два протести на кои кажаа „не“ за насилната бетонизација на Лисиче, односно за изградба на згради, затоа што сметаат дека овој ДУП, доколку се усвои, ќе ги направи затвореници во нивните домови, ќе го запре протокот на свеж воздух и сончевата светлина, односно ќе влијае врз квалитетот на животот во нивната населба.