„Со оглед на војната во Украина, која е несомнено, огромен предизвик за европскиот континент и пошироко, но и постојните предизвици кои произлегуваат од нерешените прашања во нашиот регион, како идни претседавачи со ПСЈИЕ ќе се фокусираме на принципите наведени во основачките документи на оваа иницијатива, кои во голема мерка се релевантни и денес: добрососедски односи, стабилност, безбедност и интеграција на нашите земји во европското семејство на слободни и демократски народи“, изјави Претседателот Стево Пендаровски денеска во Подгорица, Црна Гора, на прес со црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, во својство на претседатели на земјите кои се актуелен и следен претседавач со Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
Претседавањето на Република Северна Македонија со ПСЈИЕ започнува на 1 јули 2023 година..
„Слоганот на македонското претседавање со Процесот за соработка е: „Премостување на поделбите, градење доверба”. Мислам дека во таа смисла сме прилично квалификувани ако се имаат во предвид сите договори и компромиси кои ги направивме и внатре во земјата, но и со нашите соседи со цел да напредуваме кон Европа.
За време на нашиот мандат ќе вложиме максимални напори преку дијалог и меѓусебно разбирање и почит да ги искористиме сите можности и дојдеме до поголема регионална стабилност и просперитет.
Владеење на правото, промоција на човековите слободи и права, а особено борбата против корупцијата ќе бидат меѓу приоритетите на нашата агенда, исто така и енергетската безбедност на Југоисточна Европа, транс-европските транспортни коридори и културната размена меѓу народите.
Клучен предуслов за напредок и демократија во регионот е неговото интегрирање во Европската Унија и во тој контекст би сакал да ја поздравам неодамнешната изјава на претседателката на Европската Комисија за новиот План за развој на Западниот Балкан каде што главната заложба е идните членки на Унијата да почувствуваат дел од придобивките на членство и пред формално да станат членки“, сподели Пендаровски.