Австрискиот амбасадор Георг Вуцас, преку соопштение до медиумите, денеска побара да се отстранат сите судии и јавни обвинители, но и да им се укинат лиценците на извршителите и нотарите кои постапувале во спор што се води меѓу австриската компанија „АММА ДОО Хоенемс“ и валандовската фирма „ДЕНА трејд“ за производство на корнишони која, како што пишува во соопштението, е поврзана со семејството на поранешниот премиер Зоран Заев.
Фронтлајн стапи во контакт со Зоран Заев, со барање да даде коментар на ова соопштение на австрискиот амбасадор.
„Целосно се оградувам од било каква моја инволвираност во споменатиот деловен спор што се води во судовите. Колку што гледам и читам од соопштението на амбасадорот, овој судски деловен процес е јавен и транспарентен, како и сите други судски процеси. Законите важат еднакво за сите и убеден сум дека судот ќе донесе законита одлука, како што впрочем се очекува, без разлика за кој граѓанин или правен субјект се однесува. Јас можам само да апелирам судот и правосудните органи, како и било која друга институција, да си носат исклучиво законски одлуките и да не дозволат никој да им влијае на работењето и одлучувањето“, изјави Зоран Заев за Фронтлајн.
Заев не го крие своето разочарување од тонот на соопштението на амбасадорот Вуцас. Тој смета дека не постојат докази и аргументи со кои амбасадорот може да го валка неговото име.
„Ако амбасадорот и амбасадата го споменат уште еднаш моето име во ваква негативна конотација, нема да можам ништо друго да преземам, освен што ќе морам да ги тужам за нанесена штета врз честа и угледот. Јас се сметам за пријател на Австрија и за време на мојата одговорност како Премиер сум воспоставил одлични пријателски релации и соработка со Австрија. Така што, нема да дозволам првиот претставник на Австрија во Северна Македонија со ваква леснотија и без било какви докази и аргументи да го валка моето име“, вели Заев за Фронтлајн.
Доколку продолжат овие обвинувања, Заев најави тужба.
„Следното споменување на моето име на ваков начин ќе значи дека ќе треба да се видиме на суд со амбасадорот на Австрија, за да покаже и докаже било каква моја инволвираност. Во спротивно, ќе барам јавно извинување, надомест на штета за нарушени чест и углед, и лично ќе го известам Австриското МНР и Влада на Австрија за ваквиот однос на Амбасадорот на Австрија“, категоричен е Заев во одговор на прашањето од Фронтлајн.
Д. Е.