Пишува: ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Знам дека го нема глаголот „идентитува“ во македонскиот јазик, но што си помисливте кога го прочитавте? Прво, веројатно, дека е грешка. Само „идентификува“ има. Но, нели ве влече да помислите дека идентитува(ње) можеби значи нешто во врска со „имање идентитет“? Можеби се повредуваме и себеси, и колективите од кои сме дел, и општествата, можеби и цел универзум (ако конкурира за свест) со грешката на сметање на идентитетот за именка. Треба да знаеме активен глагол од таа именка, глагол кој од искажувачот бара функција, а не пасивно да го „идентификуваат“ други. Оти, човек нема што сам на себеси да се идентификува – себеси, но може да каже како тој идентитува. Некои сакаат поетски да претеруваат именувајќи разни болести – облици на деменција кога зборуваат за именката „идентитет“, особено кога поетизмот се однесува на колектив (нација или религија најчесто), но така само ја зголемуваат грешката која јазикот ја изнедрил. Значи, ако идентитувате, како го правите тоа?
Првото што паѓа на памет е дека идентитување е – да се зборува за идентитетот? Не, не. Тоа е најмалото значење, во некои случаи и воопшто не влегува во значењето, или влегува и во минус, како на пример кога некои од МАНУ зборуваат за идентитетот на нацијата, од лично име, се разбира. Повеќе смисла прави дека идентитување има врска со спроведување на нешто, некое дејствување, на што отпосле му ја ставаме именката – идентитет. Колективите кои скоро и да не ја споменуваат именката „идентитет“ дејствуваат низ креација, произведување потрепштини, уметност и наука, лекување, рехабилитирање, подобрување на опипливи работи кои служат за живеењето. И тоа е нивното дејствување, нивните нешта на спроведување. Еден производител на жито идентитува со произведувањето храна, основа за животот. Еден водоводџија идентитува со поправањето и придонесува за хигиената, а со тоа, за здравјето. Еден истражувач со новото откритие отвара можности за покомфорен живот и нови перспективи, артистот ни ја расчистува естетиката – уште повисок аспект на живеењето, итн. Така, секој кој создава или поправа – идентитува. Сѐ што е спротивно од креација, рехабилитација, итн. е некоја друга, „чкљц“ – функција (како звучи „чкљц“?). Идентитувањето задолжително би требало да подразбира намалување на ентропијата или барем придонес кон нејзино запирање. Затоа, ако сакаме да ја разгледуваме именката „идентитет“, тогаш треба да гледаме на кој начин колективот или единката идентитувале во минатото, како идентитуваат тековно и дали проектираат идентитување во иднина.
За една единка е јасно: Уште од деца идентитуваме преку игрите, со цртежите, со грижата за своето тело, со едукацијата, итн. Понатаму, преку работата, особено ако ја сакаме. Кога се работи за колектив, почнуваат недоразбирањата заради многучленоста, а колку е поголем колективот, толку повеќе ги надминува границите на еден човечки живот и уште понејасен е неговиот „идентитет“. Но во секое време може да се проследи идентитувањето на колективот како целина. Некои ја повторуваат именката „идентитет“ толку многу што скоро и ништо друго не прават. Дури и оние кои идентитуваат се приморани барем одвреме-навреме да ја споменуваат именката, за да ги отстранат од грбот повторувачите (на „идентитет“), кои во основа, не идентитуваат. Поточно, не идентитуваат ништо. Или прават некоја друга, чкљц-функција, која не е идентитување: Која ги остава, на пример, улиците со дупки, ѓубрето расфрлано, автобусите, зградите, болниците, театрите, итн. – на забот на времето. Која го ентропира идентитувањето затоа што ги преферира класичните одземачи на енергија во системот – мрзливите, прекршителите, криминалните умови итн. Ми се чини дека со употреба на глагол како „идентитување“ би се расчистила маглата зошто повторувачите на „идентитет“ не само што не придонесуваат за напредок на системот, туку многу често го ентропираат кон распаѓање, дури и без да се прекршители или криминалци.
Со оглед дека еволутивно, севкупно, имаме тенденција да ги подобруваме работите и да напреднуваме, човештвото идентитува секој ден и напреднува малку по малку. Има денови кога малку назадува, но воглавно напредува. Колку се македонските денови на напредок во годината? Колку се личните? Веројатно помалку отколку на луѓето од земјите на ЕУ, на пример, но, повторно – напредувањето е вградена тенденција во нас, па секој што намерно ѝ застанува на патот, како да прави акт на застанување пред булдожер. Или трчање кон него, во некои случаи. Затоа, земам дека идентитувањето е базично, default, а другите функции, чкљцовите, кои ентропираат, се само многубројни, но се послаби, природата е против нив. Имено, самата природа во целиот космос се однесува така што концентрира региони на пониска ентропија и го развива тоа до – живот, толку антиентропска работа. Во случајот со човештвото – дури и свест, да не зборуваме и за естетика и други продуховени работи, чиста, дестилирана антиентропија. Затоа, природно е да се напредува.
Идентитувањето е во функција на напредувањето и никако инаку. На еден човек не може да му се уништи идентитетот, единствено може да му се успори идентитувањето преку насочување на неговите дејства низ некоја невистина. Таа може да биде многу базична невистина – прочитав за детето што го раснеле како да е друг пол. Или дека ако имате женски репродуктивен систем – дека сте инфериорно суштество. Може да е во однос на друга физичка карактеристика – да ви кажат невистина дека сте инфериорни заради бојата на кожата, заради возраста или заради попреченоста. Има и „софт“ варијанти на овие невистини (националност, вероисповед, социјално потекло итн.) и сите се вклучени во терминот „дискриминација“ со активен глагол „дискриминира“ кој добро ги опфаќа оние кои прават чкљц-функција, наместо идентитување. Значи, единка која идентитува не си дозволува да прави чкљц-функција на дискриминација. Обратно, оние кои дискриминираат – не идентитуваат. Така, тие стануваат спротивност на именката „идентитет“. Дискриминаторите немаат поим од идентитет, бидејќи не идентитуваат, не прават ништо креативно од повисок вид. Кога некоја невистина ќе преплави поголем колектив, како и во случај со еден човек, може да стане главна причина за успорување на неговиот напредок, бидејќи човекот се обидува да идентитува врз основа на невистина.
Затоа, би требало малку повеќе да се обрати внимание на врската меѓу вистината и идентитетот. Таа врска е, на пример, тековно, многу важна за научните колективи. На пример, научно списание кое објавува вистини кои се најсвежи откритија е многу реномирано и идентитетот му е многу добро заокружен, како и универзитетите кои спроведуваат такви истражувања, како и фабриките и државите кои поддржуваат такви истражувања. Вистината е таа која има основна улога додека овие колективи идентитуваат, за во нив како опиплива последица на тоа да следува напредокот. За идентитетот не се ни грижат, просто – идентитуваат. Сте слушнале ли, на пример, Оксфорд да се грижи за својот идентитет? Или компанијата Тесла? Смешно, нели?
Универзитетите, научните списанија и компаниите имаат метрики со кои си се споредуваат, оставајќи ги во прашина сите останати на кои им текнува да се грижат, и гризат, и распаѓаат – за идентитетот. Меѓутоа уште една светска гранка има интензивна интеракција со вистината – медиумската индустрија за вести. Не сум видела метрики за објективност на светско ниво („Репортери без граници“ се однесуваат повеќе на владите кон медиумите), освен еден хаотичен графикон на AllSides Media Bias Ratings, и уште – не можам, а да не го споменам трудот Defining and Measuring News Media Quality: Comparing the Content Perspective and the Audience Perspective од Филип Бахман и колегите од швајцарски универзитети, објавен во 2021 г. во научното списание на Sage Journals, The International Journal of Press/Politics, иако ограничено во истражувањата само на швајцарски медиуми. Вреди да се спомене бидејќи содржи универзално применливи формули за мерење на објективноста на еден весник / портал. Би било убаво некој да направи слична анализа за македонските медиуми. Не може да се порекне дека медиумите имаат влијание на нашето убедување во тоа што е вистина и би било убаво да не остануваме само на нашите впечатоци, кои може да се и неточни, на пример под импресија на сензационалноста или набиеноста со силни негативни чувства – страв, омраза, агресија… Дополнително, тука се и агенциите кои прават анкети. Колку чесно ги прават? Може ли барем два институти на УКИМ и/или МАНУ да се ангажираат да направат инспекција на методите? Или некоја швајцарска стручна агенција? Бидејќи и анкетите конкурираат за вистина. Мора да знаеме дали се во ред. Значи, на ниво на колектив има цели организации кои влијаат на насоката на нашето идентитување како колективи.
Идентитувањето, како дејство, е многу комплексно, работи на повеќе нивоа – од опстанок до просветление и веројатно затоа не е формално формирано во јазиците. Со ризик дека можеби има мирис на мистика, кога една единка се зема за референтен систем, малку е интригантно што во неколку филозофии (пред да станат вери, па да ги запустат значењата на учењата од кои потекнале) го среќаваме концептот на градација на нашето идентитување, односно – да го наречеме тоа – градација на грижата за себе и својата околина. Именката „идентитет“ некако се распаѓа постепено кога ќе се почне од единка, кон односот еден-многумина, па кон односот единка-универзум. На пример, како и во пирамидата на Маслов, прво идентитувате за основните животни потреби, се борите за воздух, вода, храна. Само во тоа се состои идентитетот кога имате недостаток од овие основни потреби. Од бебе до старост и со најголемо влијание до крајот на животот. Ако некој ви каже невистинита информација, ве измами за овие ресурси, бргу се умира. Следното ниво на идентитување упатува на односот еден на еден. Прво со мајката, потоа со секој член од семејството. Потоа, добивате идеја за мал колектив, бидејќи и дополнително, гледате дека и други деца имаат такви мали колективи. И ако детето нема семејство, сепак овој однос еден на еден не изостанува и го воведува следното ниво на еден кон повеќе. Ги сфаќаме Ромео и Јулија, ги сфаќаме веќе и праведноста и фер играта. Откако знаеме да повлечеме граница меѓу нас и другиот, набргу сме заинтересирани за нас како припадници на мал, опиплив колектив (семејство, другари, колеги, синдикати, припадници на организација и слично), кон други такви колективи. На ова платὁ многумина го завршуваат својот идентитетски живот. Не одат понатаму. Но, сѐ повеќе луѓе почнуваат да го разбираат односот на себе кон сите, на пример кон цела планета. Оттаму и борбите во екологијата, интересот за космосот, работата на светските организации, за здравјето, за мирот, за правдата… Не сме дошле до организација (од која сите моментално се плашат) – за вистината… Дотогаш медиумите можат да си дивеат со невистини. Но, со качување и на оваа висока платформа на разни сеопшти вредности, верувам дека ќе има добронамерен обид. Тогаш би биле интегрирани со – или во натпревар со програмската еволуција, („вештачаката интелигенција“) токму заради вистината. Имено, ако погледнеме поубаво, ChatGpt е роден наопаку од нас – без идентитет, но (моментално) има функција да идентитува за нас. Немањето потреби, всушност – немањето на идентитет го прави максимално непристрасен, објективен. А непристрасноста, објективноста е идеалот за еден прекрасен идентитет!
Што е идејата зад тоа „наопаку роден“: Чекорот до кој не стигнал никој (освен, можеби во приказните за некои светци) е најтешкиот – односот на самиот себе – кон самиот себе. Тоа, верувам, стои зад оние преданија за аскетизми и одвојување од основните потреби, но овој чекор би бил креативно идентитување само доколку е остварен оној чекор на идентитување со насока од себе кон сите останати на светов и планетава, кон цел универзум. До пред смртта на единката, нејзиниот развој би бил комплетиран во идентитување кое би го направило човечкиот „софтвер“ независен од сам себе комплетно, првенствено од телесните аспекти (функции, потреби…). Тие се тука, но се незначајни. А ChatGPT, на пример, тоа го има перфектно, односно може да го прави тоа, и тоа – за нас, (моментално – не за „себе“), уште веднаш, сега!
Значи, работите од век и веков се такви што колку повеќе напредувате, толку помалку сте загрижени за идентитетот, а тој, пак е променлива работа, зависно од тоа што ви недостига. Недостигот на базичните потреби ги прави луѓето слепи за пофините потреби – љубов, правда, слобода… Притоа, ниеден недостиг не можеме да го задоволиме без вистината. А вистината е она кое најмногу ѝ се ускратува на единката. Отсекогаш. Денес од масовните медиуми, без метрики, а кои се божем задолжени со етички норми да кажуваат вистина. Уште повеќе, заради етичките норми за објективност се поставуваат повисоко од сите. Ја тврдат својата легитимност заради етиката на хартија, а легитимноста, располагањето со туѓата доверба – е моќ и влијание. Медиумите се колективи кои се составени од луѓе, идентитети, кои и самите формираат идентитет. Но дали идентитуваат? Многу од нив – не. Невистините кои ги пласираат во етер и, со тоа, тежнеењето кон ентропија (чкљцуваат) ги прави само прегрнувачи или стремители кон булдожерот (од погоре). Што побрзо им текне дека објективноста (вистината) и тежнеењето кон повисоките вредности ќе нѐ однесе таму, кај повисоките вредности, толку подобро и покомфорно и за нив, и за сите нас. Односно, кој ве убедува дека за „идентитет“ се јадат корења, нека јаде тој корења прв. Кој ве убедува дека идентитетот ви е инфериорен – неговиот е под бебешкото ниво, во чкљц реалмот. Кој ве лаже, тој ќе биде заменет од објективен, програмски ентитет. Природата не ѝ попушта на ентропијата.