Мобилните телефони, таблетите и паметните часовници ќе бидат во голема мера забранети во училниците во Холандија од 1 јануари 2024 година, објави денеска холандската Влада, која настојува да го ограничи се она што им го одвлекува вниманието на учениците за време на наставата.
Уредите ќе бидат дозволени само доколку се неопходни, на пример за време на час по дигитални вештини, од медицински причини или во случај на лица со инвалидитет, објави Ројтерс.
„Иако мобилните телефони се сеприсутни во нашите животи, тие не припаѓаат во училниците. На учениците мора да им се овозможи целосна концентрација за време на часовите и треба да им се даде можност да стекнат квалитетно знаење. Научните истражувања покажаа дека мобилните телефони го одвлекуваат вниманието во училниците и мораме да ги заштитиме од тоа.“, изјави министерот за образование Роберт Дијкграф.
Забраната е резултат на договор меѓу Министерството, училиштата и сродните организации. Училиштата ќе можат да ја спроведат забраната на начин што најмногу им одговара, рече Дијкграф, додавајќи дека ќе следат законски правила доколку мерката не ги добие очекуваните резултати до летото 2024 година.
Г. Т.