Со иницијативата за капитални дотации во локалните самоуправи на Министерството за култура оваа година ќе се поддржат девет општини кои ќе добијат 40 милиони денари. Министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска кажа дека со овие средства се поддржуваат проекти за реконструкција на домови на култура кои и по 50 години не се реновирани и дека се создаваат услови за работа на уметниците.
„На пример, во Општина Делчево, Домот за култура АСНОМ, првпат по неговата изградба, по 50 години добива средства за реконструкција на еден дел, односно влезниот дел, холот и дел од сцената. Наредната година таму можеме да продолжиме понатаму. Во Општина Валандово, каде што во Центарот за култура има навистина голем број на настани, оваа година ќе добие и кино сала односно тоа се предвидува со парите од оваа ставка“, истакна Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека во село Тресноче, во Маврово и Ростуше, ќе се реконструира старото училиште во еден мултифункционален дом каде што ќе продолжи да се слави делото на Дичо Зограф.
„Општина Кратово која претставува еден град – музеј. Таму не постои еден дел од општината каде што нема некоја култура историја, каде што нема некој амбиент кој вреди да се сочува, да се истакнува понатаму. Таму овозможуваме сцена и неколку дрвени поставки кои ќе им овозможат на младите уметници, на сите кои работат и културно делуваат во Кратово да добијат еден мултифункционален пристап кон она што го прават“, рече Костадиновска-Стојчевска.