„Европската Унија најави оценска мисија, сметам дека тоа е добар чекор и Владата ќе го прифати. Ние сме држава кандидат за членство во ЕУ и механизмите на ЕУ и извештаите секогаш ни биле инструмент за подобрување“ рече вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ во „Трилинг“ на ТВ24.
Оценската мисија треба да ја искористиме како можност, бидејќи тоа е пред се порака до Судскиот совет за тоа што се случуваше изминатиот период.
„Имиџот на Судскиот совет е слика за целото правосудство, затоа е важно, таа оценска мисија не е прва, ние сме имале оценски мисии и имаме за многу области. Но таа оценска мисија ќе оди детално во анализирање на слабостите на судскиот совет и неговото функционирање и ќе даде конкретни препораки“ рече Маричиќ.
Вицепремиерот додаде дека Судскиот совет работи според закон донесен во 2019 година, кој беше одобрен од Европската комисија и од Венецијанската комисија.
„Секој е избран со име и презиме и дејствува таму со име и презиме. И мислам дека што повеќе ја конкретизираме одговорноста, со име и презиме толку подобро ќе биде и побрзо ќе дојдеме до решение“ рече Маричиќ.







