Во Скопје деновиве не се собира смет поради протест на вработените во Комунална хигиена кои бараат повисоки плати и враќање на отпуштените колеги од работа. Градот е полн со смет, а градоначалниците од Скопскиот плански регион денеска ќе одржат состанок на кој ќе расправаат за состојбата со хигиената во Скопје. Во меѓувреме, градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ со помош на своите колеги од други општини синоќа почнаа да го чистат насобраното ѓубре, додека од Општина Центар најавија дека од утрово сами почнуваат со чистење на ѓубрето.
На состанокот, градоначалниците од Скопскиот плански регион ќе излезат со свој став за настанатата состојба.
Во меѓувреме, од скопските општини Центар и Аеродром, по реакција од граѓаните побараа од надлежните итно да најдат соодветно решение за собирање на сметот.
Од Општина Центар пак, најавија дека ќе почнат со чистење ѓубре во и надвор од контејнерите. Градоначалникот Горан Герасимовски соопшти дека утрово со работа почнуваат речиси сите хигиеничари од комуналната служба во ЈП „ПОЦ“ и дел од општинската администрација.
На терен ќе биде употребена целата механизација во сопственост на претпријатието како и дополнителна опрема за собирање смет.
Герасимовски испрати апел Град Скопје итно да ги реши проблемите во јавното претпријатие и да започне со чистење на градот. Граѓаните, како што посочи, не смее да бидат жртви на лошото управување во градот, ризикот по здравјето на граѓаните е огромен.