„Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски останаа во времето на Никола Груевски, во времето кога цела деценија ја стави државата во меѓународна изолација и ја направи заробена држава, само за политички, финансиски и криминални придобивки“, вели Петрит Сарачини од Институтот за медиуми и аналитика (ИМА), коментирајќи ја изјавата на Мицкоски: „Ако дојдоа за уставните измени за мене тоа е навреда“, за вчерашната посета на тројца значајни дипломати од ЕУ на нашата земја.
„Уставните измени се предуслов за продолжување на преговорите со ЕУ и за подобра иднина на државата и на сите граѓани без разлика на нивната припадност. Земјата и сите нејзини граѓани се жртвувани. Ова е само продолжение на политиката на неговиот претходник Никола Груевски кој цела деценија ја стави државата во меѓународна изолација и ја направи заробена држава, само за политички, финансиски и криминални бенефиции. Се додека оваа политика продолжува во оваа партија, на целата држава ќе и биде многу потешко да оди напред“, изјави Сарачини за „Фронтлајн“.
Александар Марков – новинар на Бугарската национална телевизија (БНТ) за „Фронтлајн“ изјави дека настапите на Мицкоски во Бугарија не се впечатливи.
„Настапите на Мицкоски овде не се впечатливи. Украина целосно доминира на агендата. Денков пред некој ден рече: „Нема промена во ставот на Бугарија. Скопје да ги исполни преземените обврски“. Сега се е во рацете на владата и Собранието на Република Северна Македонија“, изјави за „Фронтлајн“, Александар Марков – новинар на Бугарската национална телевизија (БНТ).
„Уставните измени се внатрешно прашање, но ако Северна Македонија не ги прифати и не продолжи да оди по европскиот пат, се соочува со опасноста да биде изолирана. Би било штета, Скопје откако истрча еден тежок маратон да се сопне на последната пречка“, порача вчера европската тројка министри за надворешни работи на Австрија, Чешка и на Словачка – Александер Шаленберг, Јан Липавски и Мирослав Влаховски.
Тие потенцираа дека интеграцијата во ЕУ треба да биде прашање на национален консензус и дека колку побрзо се донесат уставните измени толку побрзо земјата ќе стигне до ЕУ, додека предвремени избори би биле контрапродуктивни.
Дерек Шоле – советник во Стејт Департментот на САД за МИА изјави дека следниот чекор напред кон Европската Унија сепак зависи од Северна Македонија.
„Имате постигнато многу во вашите три децении независност, а тоа го постигнавте и покрај фрустрациите кога вратите една по друга ви се затвораа пред вас. Со храброст и пожртвуваност ја отворивте вратата за влез во НАТО, и ние бевме покрај вас кога влеговте. Сега се отвори уште една врата. Како што неодамна изјави амбасадорката Анџела Агелер, во сржта на вашата одлука е вашиот народ. Следниот чекор напред кон Европската Унија зависи од вас, и знајте дека САД секогаш ќе бидат со вас. Убеден сум дека претставниците на народот ќе постапат во најдобар интерес на земјата, и ќе ја водат напред“, порача Шоле.
Дестан Јонузи