Во рамки на мултимедијалниот настан „Дојди раскажи ја својата приказна – Остави трага“, кој се однесува на млади лица, а го спроведува Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи заедно со Министерството за труд и социјална политика и со поддршка на проектот за борба против омразата и нетолеранцијата од заедничката програма на Европската Унија и Совет на Европа, „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“, се одржа панел дискусија на која збор зеде министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Министерката во своето обраќање ја раскажа својата приказна и предизвиците со кои се соочува во улогата на политичарка.
Сакам да зборувам за тоа дека година и пол мене мажите политичари ми се обраќаат со срцка, со чупе, сакаш чупе или девојче дека си од Битола, на име, мислам дека многу кратко бев министерке, сега сум Бисера, сега сум чупе. Срцка овде нема пари во овој бизнис, јас си одам, имав еден советник, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.
Министерката во своето излагање се осврна на тоа дека не го добива истиот третман што го добиваат нејзините мажи колеги.
Таму бев премногу млада кога се вработив, бев премногу млада кога докторирав, па не доживеав промоција на мојот докторат, бев премногу млада кога станав пратеник, па што знам сега јас да се борам, бев премногу млада кога станав министер, едноставно за се бев премногу млада, бев премногу женско, потоа бев по патеки во Ерусалим, па не бев женско, па кај се штиклите, па ако бев по штикли ќе беше обратно, рече министерката во рамки на панел дискусијата на „Остави трага“.