Со цел проценка на состојбата на плажите и водата на Охридското Езеро за 2023 година, направени се теренски увиди и земени се примероци за лабораториска анализа пред и во тек на туристичка сезона од страна на екипа од ЈЗУ Центар за јавно здравје – Охрид, на целото крајбрежје на Охридското Езеро од Св. Наум до с. Радожда.
Целта на санитарно-хигиенските и теренски увиди е да се откријат потенцијалните загадувачи на езерската вода и преземат мерки за нивно навремено санирање, пишува во извештајот на Институтот за јавно здравје за квалитетот и здравствената безбедност на површинските води за капење и проценка на здравствениот ризик пред почетокот на летната сезона. Извештајот го изработиле доц. д-р Мирјана Димовска, ас. д-р Александра Петрова, како и мед. сестра Ајла Зекири.
За заштита на Охридското Езеро изграден е колекторски систем кој ги собира отпадните води од градовите Охрид и Струга, кои потоа се пречистуваат во пречистителната станица во с. Враништа, но согласно постојните информации за извршениот санитарно-хигиенски увид од страна на ЦЈЗ Охрид, перзистираат објектите од последните години наназад кои не се вклучени во колекторскиот систем, а претставуваат потенцијални загадувачи, а тоа се:
1) Хотелско – угостителските објекти, како и туристичките населби кои се сместени по должината на Охридското крајбрежје од хотел ДЕСАРЕТ до Св. Наум.
2) Хотелско – угостителските објекти и туристичките населби од Струга до с. Радожда. Единствено на овој потег приклучен на колекторскиот систем е хотелот “Макпетрол” преку колекторскиот систем од с. Радолишта, Хотел Бисер и с. Калишта.
3) Приватните куќи сместени на брегот од Охридското Езеро од плажата Сараиште до црквата Св. Софија до приобалниот дел на населба Канео.
4) Приватните куќи од с. Радожда кои користат септички јами кои најверојатно понираат или се празнат директно во езерото.
5) Реките кои директно се вливаат во Охридското Езеро: р. Черава (доаѓа од соседна Албанија и директно се влева во Св. Наум); р. Сатеска (направен е нацрт-проект за директно да се влева во реката Црни Дрим); Велгошка и Коселска река.
6) Река Црни Дрим и Река Радика.
7) Шанкови поставени на самиот брег на Охридското Езеро односно на самите плажи.
8) Испустни цевки за собирање на атмосферски води кои се влеваат во Охридското Езеро, со можност за (намерно или ненамерно) приклучени отпадни фекални води од страна на колективните станбени згради и приватни куќи.
9) Базени за капење во склоп на угостителските објекти или како Градски базен.
10) Хотел “Десарет”, автокамп “Градиште”, “Љубаништа” и “Ливадишта“; ресторан “Острово” и другите угостителски објекти во “Св. Наум”, се приклучени на канализациониот систем кој е изграден во Св. Наум 2013 год., но истиот не функционира. Имено во фазата на третман на отпадни води постои само дробилица за фекалните материи, но не постојат филтри и нема хлорирање на отпадната вода пред испуст во езеро при што претставува директен загадувач на езерото, стои во извештајот.