Првиот зрак на утринското сонце во 26-ти јули 1963 година требаше да донесе нов ден, но тоа што следеше го претвори најголемиот град во Македонија во пекол. Земјотресот, недвојбено најмоќниот што го погодил регионот во поновата историја на земјата, го згази Скопје и го претвори во рушевина.
-Каде да се скриеме од несогледувањето, од реката на страв и очај што се навлече низ улиците, од гласовите на луѓето што викаа за помош, а потоа за своите семејства? Сите бевме во иста мисла: сè е изгубено, сè се сруши, раскажуваат соговорниците за Градкса.мк. Но во оваа трагедија се нашла силата која не можеше да биде предупредена, не можеше да биде погодена. Силата на човечката душа за преживување и помагање.
– „Зар е можно? Да не заплачеше син ми, можеби овој ѕид….„
„Беше утро! Првите сончеви зраци како да најавуваа дека ќе биде уште еден врел јулски ден. Од вратата на старата куќа излезе младата жена и под тремот започна подготовки да запали огин, за да го стави казанот полн со вода. Го потпали огинот и водата почна да зоврива, како и алиштата кој беа во казанот. Во меѓувреме со скршената и веќе дотраена метла, почна да го мете малото дворче. Во еден момент младата жена го чу детскиот плач од внатрешноста на куќарчето“, вака го започна својот расказ за својата мајка новинарот, модераторот и граѓански активист Рамуш Муарем.
– „Се разбуди! Изгледа гладно е, да го надојам, па пак ќе заспие…„ – си рече во себе младата жена, се сеќава Муарем за земјотресот што го преживеала неговата мајка.
Влезе внатре и излезе во раце држејки го од година и пол старото детенце кој очигледно сеуште младата жена го доеше. Седна на троножецот во дворчето и почна да го дои.
„Детето веднаш замолче штом почувствува дека е земено в раце. Не помина ниту две-три минути, одеднаш младата жена почувствува некој чуден звук, а потоа и треперење на тлото. Треперењето и татнежот беше се посилни и посилни. Во бунило го прибра детето уште поблиску досебе и стана на нозе. Одеднаш татнежот и треперењето стана силно и неподносливо. Почна тлото да се движи, а куќарките во околните дворови да се распаѓаат како кула од карти. Почнаа полека и луѓе сонливи, по гаќи, ноќници, некои и голи и боси да излегуваат од куќите, во страв, паника, плач и вресоци. Траеше можеби една минута, но како да беше вечност. Кога се се смири, се беше обвиткано во густ прав. Луѓето со плачлив и треперлив глас се довикуваа , а некој се гледаа немо и плачеа. Куќите поголемиот дел ги снема и беа само купиште шут“.
Младата жена со детето во прегратки откако се совзема од шокот и стравот, погледна околу себе. Потоа брзо влезе во куката која имаше мал двор, ходниче, мала соба (одаја) и собиче каде преспиваше. Одајата веќе ја немаше… а собата каде преспиваше и каде до пред некоја минута спиеше и малиот син…ѕидот беше срушен токму врз местото каде што спиеа и двајцата…. Се стаписа….
– „Зар е можно? Да не заплачеше син ми, можеби овој ѕид….„
Да токму така. Беше 26 јули 1963 год. Скопје, во малата куќарка кај локацијата #Алтијак… во денешно време ул. Самоилова.. околу 05:20 часот наутро.
Урнатини, врисоци, плач, акции за спасувања на затрупаните
Зоран Иванов, тогаш 13 годишен кој со брат му биле на летување во Охрид, веста за скопската катастрофа ја примиле во првите утрински часови. Биле загрижени за нивните родители, па со брат му почнале да следат група охридски младинци кои кај пристаништето во Охрид, се качувале на еден камион со лопати и со копачи в раце со цел да заминат за Скопје како доброволна охридска младинска работна бригада.
„Се качивме во камионот но за кратко повозрасен човек веројатно некој од раководителите не симна од камионот со образложение дека сме премлади за да бидеме во составот на бригадата“, се сеќава Иванов, скопјанец и долгогодишен новинар и уредник.
Тој во раскажувањето за Градска.мк истакна дека доцна попладнето со група скопјани охридските општински власти им организираа превоз до Кичево, а по долги часови стигнале во Кичево. а оттаму со редовен воз до Скопје.
„Скопската глетка беше ужасна веќе на самата железничка станица. Возот мораше да застане цел километар пред станицата врз чии шини се струполила станичната зграда. Кошмар беше парот од станицата до нашиот дом. Урнатини, врисоци, плач, акции за спасувања на затрупаните„ истакна Иванов.
Ние преживеавме, но болката за загинатите другари, соседи, роднини, пријатели, познати и непознати и денес притиска и боли!
“Живеевме во самиот центар на градот. Не можевме точно да ги погодиме улиците до нашиот дом. Се беше затрупано од урнатини. Живи ли се родителите? Стравот го стегаше грлото. Моите мислеле дека сме се уште на безбедно во Охрид кога не’ здогледаа целите правливи и измачени од патот, а и родителите исто од расчистување на околината. Бевме живи, сите. С’е околу нашата куќа беше урнато. Многу соседи настадани. Меѓу нив и неколкумина мои маалски другари. Болно. Не се заворава! Ние преживеавме но на вакви потсетувања болката за загинатите другари, соседи, роднини, пријатели, познати и непознати и денес притиска и боли!.
Имаше урнати ѕидови насекаде
Чичко Ариф се присетува дека како 19 годишник на денот на земјотресот бил на Бит Пазар да купи стока за да може да ја препродава, кога наеднаш тезгите почнаа да се движат ненормално.
„Во еден момент седнав и ги ставив рацета над глава, а по тоа се потсетив на моето семејство и тргнав дома. Доаѓајќи до куќата што ја имавме во Серава, видов дека ѕидовите од куќите наоколу се рушени еден по еден. Кога стигнав дома видов дека ѕидот од куќата се урнал, но без последици“.
Спасија човек од урнатините
„Кога видов дека сите во семејството се добро, излеговме надвор. Се собравме и слушавме крици и видовме прашина насекаде. Едниот бараше вода, друг си го бараше семејството, иако биле пред нивните очи, не можеа да ги видат бидејќи имаше многу прашина. Потоа сите тргнаа низ куќите за да видат дали им треба помош. Како што одев од куќа до куќа, стигнав до Саат-кулата, каде слушнав еден Турчин како вика, мојот син е под урнатини, помогнете ми и влеговме во куќата кога видовме дека ѕидот паднал на една маса што го спречила да го здроби и убие. Го спасивме. Не можам да ја опишам радоста на тој татко“, истакна чичко Ариф.
Веќе следниот ден, раскажува тој, имаа поставено шатори во парковите на градот, поточно во паркот во Чаир, носеа храна и помошта дојде од сите страни.
Ова се само дел од расказите на скопјани кои ја доживеаја болката и стравот од разорниот земјотрес, каде животот го загубија илјадници граѓани, урнати цели куќи. Но, Скопје заживеа благодарение на меѓусебната помош, благодарение на солидарноста што дојде од сите страни од светот.