Ако истрагите на Европската служба против измами – ОЛАФ резултираат со сомнеж за криминални активности, тие случаи ќе бидат проследени во Јавното обвинителство и во тој случај очекуваме јавниот обвинител да преземе навремени активности и тие активности ние ќе ги следиме одблиску, изјави денеска во Битола Дејвид Гир, шеф на делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, одговарајќи на новинарско прашање.
Амбасадорот Гир потврди дека Европската служба против измами (ОЛАФ) со седиште во Брисел подготвила препораки за европските институции и македонските власти во однос на злоупотребата на европските фондови.
-Ова покажува колку сериозно ЕУ пристапува и го проверува начинот на кој парите од европските даночни обврзници се трошат во Северна Македонија. Сакам да потенцирам дека ОЛАФ е многу сериозно тело, кое спроведува истраги за тоа како се трошат парите на ЕУ. Ја потврдувам бројката, но не ги знам деталите во врска со самите истраги. Можам да потврдам дека има различни субјекти кои се дел од тие истраги. Ако истрагите на ОЛАФ резултираат со сомнеж за криминални активности, тие случаи ќе бидат проследени во Јавното обвинителство, и во тој случај очекуваме јавниот обвинител да преземе навремени активности и тие активности ние ќе ги следиме одблиску, изјави амбасадорот Гир.