Европскиот младински портал ја иницираше кампањата „learn Macedonian with OLS“, односно „Научи македонски со Онлајн поддршката за учење јазици“.
Онлајн поддршката за учење јазици (OLS) е алатка на Еразмус+ на Европската комисијата и е дизајнирана да им помогне на учесниците во Еразмус+ и Европскиот солидарен корпус да го подобрат своето знаење за јазикот на кој ќе работат, студираат или волонтираат во странство за да можат да го искористат максимумот од ова искуство.
Во информацијата за платформата се вели дека оваа платформа е една од специфичните цели на програмата Еразмус+ да го промовира учењето јазици и јазичната разновидност.
„Научи македонски со Онлајн поддршката за учење јазици“ на популарен начин информира за македонскиот јазик и неговата историја и карактеристики и ги повикува младите да ѝ се придружат на заедницата и заедно со познавачите на македонскиот јазик да ги совладаат првите елементарни лекции кои имаат за цел да ги поттикнат потоа посеопфатно да почнат да учат македонски.
Во дизајнот на кампањата како еден од симболите на кампањата „learn Macedonian with OLS“, односно „Научи македонски со Онлајн поддршката за учење јазици“ е земен ликот на Крсте П. Мисирков.
Извор: Рацин.мк