Пред неколку месеци со градоначалникот бевме тука во Пробиштип разговаравме со граѓаните, ги утврдивме нивните приоритети и особено ми е драго што веќе денеска проектите се реализираат на терен, порача министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој денеска престојуваше во работна посета на општина Пробиштип, каде заедно со градоначалникот, Драган Анастасов потпишаа меморандум за реконструкција на две локални улици во градот.
Станува збор за улиците „Христијан Тодоровски Карпош“ и „3 Април“, кои општина Пробиштип ги означи како приоритетни, а вкупната инвестиција за нивната реконструкција изнесува 29,5 милиони денари, средства обезбедени преку буџетот на Министерството за транспорт и врски.
Бочварски ја искористи посетата на Пробиштип да изврши увид во градежните активности на реконструкција на улицата „Македонски револуционери“, каде претходно се реализираше и изградба на атмосферска канализација, а сега во тек е нејзина комплетна реконструкција, со што оваа улица ќе добие нов лик, а граѓаните подобри услови за живеење. Вкупната инвестиција за реконструкција изнесува 17 милиони денари.
-Ја изградивме атмосферската канализација, а во соработка со општината правиме и целосна реконструкција на улицата „Македонски просветители“. Денешната посета ја искористив да потпишеме меморандум за реконструкција на улиците „Христина Тодоровски Карпош“ и „3 Април“, за кои преку Министерството за транспорт и врски инвестираме преку 29 милиони денари. Општината се движи во вистинска насока во однос на инфраструктурата, тоа е резултат на одличната соработка и комуникација помеѓу централната и локалната власт и верувам дека граѓаните се задоволни со сите овие значајни проекти кои ги реализираме, истакна Бочварски.
Градоначалникот Анастасов се заблагодари за силната поддршка која централната власт ја дава на општина Пробиштип и најави дека и во наредниот период ќе продолжи силната градежна офанзива.