Посебна иранска парламентарна комисија го одобри контроверзниот предлог-закон со кој ќе се воведат построги правила на веќе и онака строгите кодекси на облекување, објави новинската агенција Тасним.
Новите правила, кои сè уште не стапиле во сила, предвидуваат строги казни за оние кои не ги почитуваат исламските правила за облекување. Во екстремни случаи, казната може да изнесува 15 години затвор и над 5.000 евра.
Странските државјани кои се против законот може да бидат протерани од земјата. Навреда на прекриена жена може да резултира со шест месеци затвор и 74 удари со камшик. Реформата е одговор на политичкото раководство на земјата на антивладините протести предводени од жени минатата есен.
Протестите беа поттикнати од смртта во притвор на Иранка со курдско потекло, која беше уапсена поради наводно кршење на правилата за облекување во јавноста.
Протестите стивнаа, но многу жени во градот одбиваат да носат превез како знак на тивок протест. Носењето хиџаб во Иран е пропишано со закон повеќе од 40 години.
Г. Т.