Учениците на возраст од 15 до 17 години во Русија од септември ќе се обучуваат за употреба на дронови, со цел да се подготват за „можна пресметка со непријателот“, пишува Тајм њуз.
Руските средношколци ќе се обучуваат за пилотирање на борбени беспилотни летала оваа учебна година почнувајќи од септември, според програмата објавена денеска од Министерството за образование.
Според оваа програма, руските тинејџери ќе можат да научат за „начините на воена употреба на беспилотни летала“ или дури „извршување извидувачки мисии со помош на дронови“.
Учениците ќе имаат можност и да „изведуваат конкретни акции на пилотирање дронови“, како и да научат начини за одбивање на „противничките дронови“.
На генерациите на возраст меѓу 15 и 17 години кои ќе поминат низ овие курсеви, ова ќе им се смета за „почетна воена обука“.
Оваа обука, која постоеше во советско време пред да престане да се користи, е рестартирана за почетокот на учебната 2023-2024 година.
Конкретно, таа обезбедува вовед во военото оружје како што е пушката „Калашников“ и вклучува најмалку 140 часа учење.
„Воведувањето на ваков предмет во училиштата ќе им овозможи на граѓаните систематски да се подготват за евентуална пресметка со непријателот“, објасни пратеникот Сергеј Миронов во ноември 2022 година, кога програмата сè уште беше во иницијативна фаза.
Од почетокот на војната во Украина, во руските училишта се воведени неколку иновации насочени кон поттикнување патриотизам и промовирање антизападен дискурс. Секоја училишна недела започнува со националната химна и церемонија на подигнување на знамето, а воведени се и „дискусии за она што е важно“, особено за да се предизвикаат непријателства во Украина и да се оправда агресијата на Русија на територијата на нејзиниот сосед.
Г. Т.