Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи учествува на Бледскиот стратешки форум, во организација на Министерството за надворешни работи на Република Словенија на тема „Солидарност за глобална безбедност”, при што во вторник ќе се обрати на министерскиот панел посветен на политиката на проширувањето на ЕУ 20 години по Солунската агенда.
Агендата во Блед вчера Османи ја започна со средба со Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел заедно со Премиерот, Димитар Ковачевски и Вице-премиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.
На маргини на Бледскиот стратешки форум Османи ќе учествува на работниот појадок со министри за надворешни работи и специјални претставници за Западен Балкан, организиран од министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон.
Исто така, за време на работната посета во Словенија, Османи ќе оствари бројни билатерални средби, вклучувајќи и со министерот за надворешни работи на Република Кореја, Парк Џин, со државната секретарка за европски прашања на Франција, Лоранс Бун, државната секретарка за европски прашања на Португалија, Тиаго Антунес, специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Лорд Стјуарт Пич, со членот на Државниот совет на Франција и поранешен советник на францускиот претседател, Александре Адам, како и со лидерката на белоруската опозиција, Светлана Тихановскаја.