Бригадата на Југоисточна Европа е формирана во 1999 година, врз основа на договорот за регионална соработка на полето на одбраната познат како договор за Мултинационални мировни сили на Југоисточна Европа (ММСЈИЕ), кој во 1998 година во Скопје го потпишаа министрите за одбрана на: Албанија, Бугарија, Грција, Италија, Северна Македонија, Романија и Турција.
Според Договорот за формирање на бригадата, локацијата на Командата на СЕЕБРИГ е на ротациона основа, а нејзини домаќини досега беа: Пловдив, Констанца, Истанбул и Лариса. Република Северна Македонија е домаќин на командата на бригадата која е лоцирана во Куманово, до 2026 година.
На свечената церемонија по повод примопредавање на должноста Претседавач на Политичко – воениот управувачки Комитет и Координативен комитет на министрите за одбрана на Југоисточна Европа (SEDM) примопредавање на должноста Командант на Бригадата на Југоисточна Европа SEEBRIG и одбележувањето на 24 годишнината од формирањето на SEEBRIG, утре, 31.08.2023 година (четврток), во 10:00 часот – Касарна „Боро Менков“ во Куманово, предвидено е обраќање на заменикот министер за одбрана, Тирон Јајага, соопштуваат од Министерството за одбрана.
На свечената церемонија претседавањето со Политичко – воениот управувачки Комитет и Координативен комитет на SEDM ќе го преземе Симона Којачару – државен секретар и шеф на секторот за одбранбена политика, планирање и меѓународна соработка во романското Министерство за одбрана, а новиот командант на Бригадата на ЈИЕ бригадниот генерал Билбил Битри од Албанските вооружени сили ќе ја преземе од досегашниот бригаден генерал Евангелос Митруцикос.
На церемонијата покрај заменикот министер за одбрана, Тирон Јајага, ќе присуствуваат и началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, амбасадорите, заменици на министрите за одбрана, замениците на генералштабовите и воените аташеи на земјите учеснички во бригадата.
Б. Т.