Пишува: ГОРАН ВОЛКАНОСКИ
Сите сме исправени пред историска одговорност! Моментум во кој треба да покажеме дали заслужуваме да станеме дел од оној свет кон кој што декларативно се стремиме, но фактички покажуваме неспремност да еволуираме, со свест за значењето на вредностите, чие што имплементирање во нашиот систем на вредности, ќе значи создавање на општествени околности кои ќе бидат причина сите ние да сме горди што сме жители на држава која им обезбедила достоинствен живот на своите граѓани!
Сите општествени чинители, Премиер, Влада, Претседател на држава, Министри, Пратеници, политички партии, невладини организации, медиуми, граѓани… Сите сегменти на нашето општество, во овој историски моментум мора да покажат општествена и лична ОДГОВОРНОСТ!!!
Македонија нема повеќе време за вртење во круг. Македонското општество нема повеќе сила за уште еден круг на злото.
Ќе нема веќе енергија за нови демократски револуции кои ќе нѐ вадат од балканското мочуриште!
Деновиве го читам, слушам, чувствувам, обидот на добронамерните. Обидот на совесните! Обидот на оние кои вистински си ја сакаат својата држава. Оние кои сакаат да останат да живеат тука. Оние кои сакаат нивните деца да останат тука!
Опстојувањето на позициите, на неодговорната опозиција, значи ставање во залог на просперитетот, мирот, иднината на оваа земја и иднината на граѓаните. Време е за покажување одговорност!
Мислам дека ќе е крајно неодговорно и несовесно од наша страна да продолжиме да сонуваме и живееме во илузии, очекувајќи дека светот преку ноќ ќе се сврти наопаку и ќе профункционира по некој наш терк! (Последната колумна на Денко Малески во Фокус многу прецизно објаснува на кои постулати функционира светот и на кој начин може да се реализираат интересите на малите во светот на големите.) Таквите илузии веќе триесеттина години на нашата јавност ѝ ги сервира една неодговорна политичка структура (вмро-дпмне), која не покажува ниту трошка чувство за одговорност кон иднината на народот и државата во чие име го прави тоа што го прави.
А, она што сега го прави, е најголемото зло што може еден политички субјект да го прави на сопствената држава и народ. Во име на политички интерес, во име на доаѓање на власт ја уништува можноста за обезбедување на процесите кои носат просперитет и среќна иднина на државата и граѓаните.
Не постои, ниту светски заговор, ниту Бугарски диктат!
Постои само реалниот свет, свет во кој интересот е главен мотив кој ги придвижува процесите и ги креира политиките.
Се поставува прашање, кој е нашиот интерес? Мислам дека е јасен одговорот на ова прашање. Доволно е секој од нас да си даде одговор на едно суштинско прашање – Како да се обезбеди достоинствен живот? Дали тоа ќе го обезбедиме со станување дел од западните безбедносни и економски сојузи. Или ако останеме во балканското мочуриште. На ветрометина на радикалните, ретроградни, националистички сили! Крајно време е да се определиме! Седење на две столици значи продолжување на агонијата и живеење во магла и илузии. Тоа е она што ни го нуди сегашнава опозиција. Бесперспективност, губење на надеж за подобра иднина дома, апатија и приклонување кон авторитативни политички опции. Губење на слободата и правото на избор. ОДГОВОРНОСТА, за тоа, во која насока ќе се движиме, ќе биде НАША. Изборот ќе биде – наш!
Во периодот кој следи, мора ова гласно да се предочи на македонската јавност, која во минатиов период беше изложена на страшна пропаганда и труење од страна на голем дел од медиумите кои создаваа негативен амбиент кон процесите кои се единствена шанса за обезбедување просперитет и достоинствен живот.
Да покажеме одговорност!
Да покажеме дека заслужуваме да бидеме дел од прогресивниот свет!